На Економско-социјалниот совет нема договор за усогласување на платите со минималецот

Илустративна фотографија

Не е постигнат договор на Економско-социјалниот совет за усогласување на останатите плати со минималната плата. Како што изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи по состанокот во Владата, дијалогот меѓу синдикатите и ресорните министерства треба да продолжат на сите нивоа, како и дека доколку е потребно да се отворат колективните договори и да се види дали има можност за усогласување на платите.

„Денес се согласивме дека дијалогот меѓу синдикатите и ресорните министерства ќе треба да продолжи односно наместо да се одвива само на Економско-социјалниот совет, го спуштаме на ниво на секое ресорно министерство, јавно претпријатие или акционерско друштво во државна сопственост за таму да се решаваат проблемите. Затоа има раководни лица на сите институции и органи на управа кои треба да преговараат“, рече Битиќи.

Тој посочи дека кај репрезентативните синдикати има слух дека државата поминува низ тешки кризи што значи дека не може веднаш да има решенија. Порача дека Владата останува на определбата за зголемување на платите во образованието за пет проценти во септември, во МВР ќе имаат пет проценти зголемување на платите и остануваат буџетските средства за судство и обвинителство од 15 проценти.

Од Конфедерацијата на слободни синдикати веќе најавија протест за 30 март пред Собранието и Владата и можност за радикализирање на идните чекори. Оттаму бараат усогласување на другите плати со минималната плата во јавниот сектор, односно покачување на бодот на вработените во јавниот сектор.

„Од 2016 година или 2018 година е последното покачување на бодот кој во тој период беше 77.5 денари, е покачен само за 5%, а тоа е 81.6 денари. Бараме Владата да го покачи бодот за онолку проценти за да можат платите во јавниот сектор да бидат оние коишто треба со минималната плата, а на другите да се задржи распонот на разликата помеѓу плати на останатите вработени“, изјави претседателот на КСС Благоја Ралповски.

Според него, речиси половина од вработените во јавниот сектор земаат минимална плата, а дел од нив и под минимална плата.

Поддршка за протестот дадоа и од Синдикатот на образование, наука и култура (СОНК) кои претходно најавија генерален штрајк во образованието во април.

Собранието во февруари ги изгласа измените на Законот за минимална плата, со што таа се покачи на 18 илјади денари.