Русија го прошири и надогради законот за ширење на лажни информации

Илустрација

Руските пратеници одобрија закон со кој се криминализира ширењето на „намерно лажни информации“ за работењето на државните ентитети, вклучително и амбасадите во странство.

Предлог-законот е одобрен од Долниот дом на Парламентот, Државната Дума, во своето второ и трето читање и со него практично се проширува претходниот закон со кој се криминализираше „намерна дистрибуција на лажни информации“ за операциите на руските вооружени сили во странство.

Со законските одредби се предвидуваат затворски казни до 15 години за оние кои ќе се прогласат за виновни за дистрибуција на „лажни информации“ за операциите на руските дипломатски претставништва во странство, обвинителите, Руската национална гарда, Министерството за вонредни состојби и други државни органи.

Законот се очекува да биде одобрен од Горниот дом на Парламентот, Федералниот совет, по што ќе биде доставен во Кремљ. Законот ќе биде додаден како клаузула на претходниот закон, кој претседателот Владимир Путин го потпиша на 5-ти март.

Законот е дел од ограничувањето на независните домашни и меѓународни медиуми кои ја покриваат неиспровоцираната инвазија на Москва врз Украина.

Неколку големи меѓународни радиодифузери вклучително Би-Би-СИ, Си-Ен-Ен, Блумберг Си-Би-СИ, германските АРД и ЗДФ најавија стопирање на работата во Русија. Би-Би-СИ и АРД оттогаш повторно се отворени.

Повеќе веб-локации на Радио Слободна Европа, Би-Би-Си и други медиуми се исто така блокирани поради, како што велат руските регулатори, погрешни извештаи, што значи дека тие не ги следеле насоките на Владата кои забрануваат за акциите на Москва во Украина да се користат термините како што се инвазија или војна.

Рускиот медиумски регулатор Роскомнадзор блокираше и некои платформи на социјалните медиуми.

Вчера судот во Москва ја прогласи компанијата Мета како „екстремистичка организација“, потег со кој практично ги забрани сите платформи за социјални медиуми како што се Фејсбук и Инстаграм.