Нов заштитен механизам со кој менувачници ќе може да купат евра од банките

Илустративна фотографија

Менувачниците при недостиг ќе можат да купуваат евра од банките, информираа од Народната банка. Оваа превентивна мерка се носи како дополнителен механизам за заштита на менувачкиот пазар, а поради шпекулациите коишто станаа актуелни по почетокот на руско-украинската криза.

Од банката сепак смируваат дека има доволно девизи на пазарот.

„Имено, со измени и дополнувања на Одлуката за менувачки работи, усвоени од Советот на Народната банка, се овозможува овластените менувачници, при евентуален недостиг на ефективни странски пари – евра, да се снабдуваат од банките, преку склучување договор со банката. Сепак, да нагласиме и дека според последните расположливи податоци менувачниците располагаат со девизи. Покрај тоа, за да се спречат какви било шпекулации околу девизниот курс, се воспоставува лимит до коj може тој да се движи, водејќи се од курсот по кој менувачниците ги купиле еврата од банките. Со тоа се обезбедува заштита на граѓаните и во однос на цената по којашто ќе може да купат евра од менувачница, доколку имаат потреба“, додаваат од банката.

Претходниот период од централната банка најавија засилена супервизорска контрола на менувачниците за да се спречи шпекулативното однесување кај дел од нив.

Потврдуваат дека курсот на денарот е стабилен, а девизните резерви се на стабилно и високо ниво од 3,5 милијарди евра.