И покрај поразот во Букурешт, македонските ракометари одат во следната фаза

Капитенот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров

Македонската ракометна репрезентација ги одбрани осумте гола предност од првиот бараж натпревара од Скопје и покрај поразот на гостувањето кај Романија (24:22) се пласира во следната фаза од баражите за Светското првенство кое во 2023 година ќе се игра во Шведска и Полска.

Последна пречка за „црвено – жолтите“ е двомеч со Чешка, селекцијата која е на второто место по број на натпревари во нашата историја – вкупно 15 меѓусебни пресметки.

Најдобар на листата на стрелци беше капитенот и селектор на Македонија, Кирил Лазаров, со вкупно шест реализации, го следеа Филип Кузмановски три гола, додека Талески, Ојлески, Пешевски, Георгиевски, Атанасијевиќ постигнаа по два гола. Кај голманите Томовски впиша девет, а Митревски две одбрани. Кај Романија Хумет заврши со седум гола, додека голманот Василе забележа седум одбрани.

Вторите мундијалски баражи на програмата се меѓу 11 и 17 април. Првиот меч се игра во Чешка, вториот е во Скопје.