Талибанците го поздравија продолжување на мисијата на ОН за помош во Авганистан

Талибанците ја поздравија резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за официјално продолжување на присуството на ОН во Авганистан, иако владата предводена од талибанците останува непризнаена од меѓународната заедница.

„Сметаме дека продолжување на мандатот на УНАМА е добар чекор и сакаме ефективно да работат на решавање на хуманитарните и други проблеми во Авганистан“, рече денеска портпаролот на талибанците Забихула Муџахид за Франс прес.

„Ќе се координираме и ќе соработуваме со нив“, додаде тој.

За продолжување на Мисијата за помош на Авганистан (УНАМА) гласаа 14 земји, а Русија беше воздржана.

Резолуцијата им дозволува на ОН да продолжат со работата во Авганистан, каде што хуманитарната состојба брзо се влоши откако талибанците се вратија на власат во август.

Новиот мандат ја овластува мисијата да промовира родова еднаквост, зголемување на правата на жените и девојките, човековите права на сите Авганистанци и инклузивна и репрезентативна влада. Сепак, тоа не ѝ дава меѓународно признание на владата предводена од талибанците.

Ниедна држава досега не ја призна талибанската влада, најмногу поради непочитување на човековите права, особено на жените, девојките и етничките малцинства.

По доаѓањето на власт тие ги вратија своите дискриминаторски политики, спроведувајќи строга сегрегација на универзитетите, државните органи и во јавниот превоз.

Беа затворени повеќе средни училишта за девојки, а на жените им беа забранети голем дел од работните места. Жените кои протестираа за поголеми права беа уапсени, а во некои случаи исчезнаа.

Руската воздржаност на гласањето се случува во време на меѓународна изолација на Москва поради инвазијата врз Украина што почна минатиот месец.

Амбасадорот на Русија во ОН, Василиј Небензиа, го критикуваше Советот за безбедност што не се консултирал со „земјата домаќин“ за присуството на ОН, велејќи дека тоа е важно за „посуштинска соработка“ меѓу УНАМА и талибанците, што ќе им помогне на ОН да ги постигнат своите цели и ќе ја гарантира безбедноста на персоналот на ОН.

УНАМА беше основана во 2002 година. Нејзиниот мандат во минатото вклучуваше хуманитарна поддршка, поддршка на човековите права и политичка и регионална соработка. Минатата година исто така се трудеше да ги заштити цивилите во текот на конфликтот и да го поддржи мировниот процес.