НАТО ветува дополнителна помош за Украина

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин

САД и други членки на НАТО денеска соопштија дека ќе продолжат да и помагаат на Украина во борбата против руската инвазија, истовремено прилагодувајќи ја сопствената безбедност на „новата реалност“ предизвикана од војната.

„Остануваме обединети во нашата поддршка за Украина. Ја поддржуваме нивната способност да се бранат и ќе продолжиме да ги поддржуваме“, рече американскиот секретар за одбрана Лојд Остин при пристигнувањето на итниот состанок на министрите за одбрана на НАТО во Брисел.

Земјите на НАТО ќе продолжат да испорачуваат оружје на Украина дури и кога тие испораки би можеле да станат цел на руски напади, изјави холандската министерка за одбрана Кајса Олонгрен, додавајќи: „Украина има право да се брани“.

Украина не е членка на НАТО. Пред министрите ќе се обрати нивниот украински колега Олексиј Резников, кој се очекува да побара повеќе оружје од поединечни земји на НАТО, додека руските напади врз градовите во Украина продолжуваат.