Тренд на намалување на бројот на новозаразени и активни ковид-19 случаи

Продолжува трендот на намалување на бројот и на процентот на новозаразени од ковид-19. Паѓа и бројот на активни случаи кој изнесува 2091, од кои половината се во Скопје.

По главниот град најмногу активни има во Прилеп 148, во Битола 135 и во Велес 101, додека во другите градови нивниот број е под сто. Без ниту еден случај се Дојран и Пехчево.

Во изминатото деноноќие, според податоците на Институтот за јавно здравје, од направени 1.996 тестови, регистрирани се 198 позитивни на Ковид-19, или 9,9 отсто. Евидентирани се и девет починати, а оздравеле 276 лица.

Од почетокот на пандемијата, бројот на ковид-позитивни во земјава изнесува 301 491, на оздравени е 290 254, а починаа 9 146 лица. Направени се вкупно 1.922.182 тестирања на Ковид-19.