Макрон: Подготвени сме за нови санкции против Русија

Францускиот претседател Емануел Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска рече дека лидерите на ЕУ побрзале да го усвојат првиот круг санкции кон Русија по нејзината инвазија на Украина и дека се подготвени да направат повеќе доколку е потребно.

„Подготвени сме да усвоиме нови санкции, сите опции се на маса“, рече Макрон на прес-конференција на крајот од дводневниот самит на ЕУ во Версај, во близина на Париз.

Макрон додаде дека лидерите на ЕУ испратиле јасна порака до Украина.

„Патот кон нашата Европа е отворен за нив“, рече тој, додавајќи дека Европа ќе и помогне на Украина да го обнови она што Русија го уништува за време на војната.

Русија на 24 февруари започна инвазија на Украина, што е најголем напад на европска земја од Втората светска војна. Обединетите нации денеска соопштија дека Украина ја напуштиле 2,5 милиони луѓе.