ММФ – Веќе е огромна цената на опоравувањето на Украина

Уништена зграда по руското гранатирање на Мариупол

Цената на економското опоравување и реконструкција на Украина, која се разорува во војната по рускиот напад врз земјата, „веќе е огромна“, а потребна е итна помош додека руската инвазија продолжува, изјави шефицата на ММФ Кристалина Георгиева во четвртокот.

Георгиева тоа го изјави еден ден откако Фондот одобри 1,4 милијарди долари итен заем за Украина за да ги подмири итните потреби и да помогне да се ублажи економското влијание на инвазијата.

Претходно, на Украина ѝ беа исплатени 700 милиони долари и 2,7 милијарди долари во итните резерви кои Украина ги доби во август како дел од својата вообичаена алокација на ММФ.

Фондот им дала заеми и друга финансиска поддршка на земјите во криза да помогне во обновувањето на економската и финансиска стабилност.

Главниот економски советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера оцени дека цената на опоравувањето и реконструкцијата е барем 100 милијарди долари. Георгиева рече дека е прерано за точна проценка на трошоците, но призна дека тие би можеле да бидат блиску до таа цифра.

Георгиева рече дека економските и финансиски санкции без преседан, кои врз Русија ги воведоа САД и нивните европски сојузници, донесоа сериозни економски пореметувања, зачудувачка инфлација и штета за животниот стандард на рускиот народ. Длабока рецесија е извесна, рече таа.