Москва нуди хуманитарни коридори кон Русија

Полски војник носи дете и му помага на бегалско семејство откако ја преминало границата со Полска од Украина на граничниот премин Медика, источна Полска. 9 март 2022 година.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека ќе отвори голем број хуманитарни коридори кон Русија за украинските граѓани, без одобрение од Киев, јавува новинската агенција Интерфакс.

Официјалните лица рекле дека коридорите ќе се отвораат во 10:00 часот по московско време, секој ден додека трае конфликтот.

Понудите за отворање хуманитарни коридори кон Русија претходно беа критикувани како „цинични“.

Украина претходно отфрли слична понуда, а американскиот државен секретар Ентони Блинкен ги нарече таквите предлози „апсурдни“.

Денеска е петнаесеттиот ден од започнувањето на руската инвазија врз Украина, а двете страни повторно правеа обиди за евакуација на цивили од тешко погодените региони, вклучително и од јужниот град Мариупол каде бомбардирањата продолжија во последните часови.

Денеска претходно во Турција се одржаа први разговори на високо ниво меѓу Украина и Русија, на кои не беше постигнат напредок за постигнување примирје.