Превозните компании трпат големи загуби поради војната во Украина

Големи загуби трпат транспортните компании во земјава кои се извозно ориентирани по нападот на Русија врз Украина. Наместо да превезуваат стоки, тие со денови остануваат паркирани пред компаниите.

„Имавме најава за доста голема соработка со Украина, односно на релација Украина – Унгарија- Македонија. Сега сето тоа е стопирано. Нашата компанија трпи големи финансиски загуби што ќе се одрази негативно врз понатамошните инвестиции во бизнисот. Проблем е голем и тоа што возачите нормално стравуваат да патуваат кон Исток, поточно не сакаат да ја пружат услугата што би ја дале доколку се нормални условите“, вели Васко Србиновски од превозна компанија во Битола, која со овој бизнис се занимава веќе 14 години и има над 60 возила. Досега им пропаднале над 30 тури во двата правци од Украина до Македонија и обратно.

И дел од возачите признаваат дека нема цена по која би возеле до источните дестинации.

„Сме возеле до Украина, сме ги поминувале тие патишта. Но, сега е ризик да се вози кон исток, вели Драган Наумовски, возач, кој веќе пет години работи во превозна компанија.

Видете и ова: Војната удри и врз македонските земјоделци и транспортери

На превозните компании решение од кризата не им е ни пронаоѓањето на алтернативни, обиколни патишта за достава на стоки до други држави, без да влегуваат во Украина и Русија. Тоа ќе значи подолги патишта и поголем трошок посебно во услови кога растат цените на горивата.

„Се работи за двојна километража ако транзитираме низ други земји. Од друга страна, па и за загуба на дополнителни трошоци на гориво и патарини. Тиесет до 45 проценти би имале дополнителен трошок и не би биле рентабилни доколку овој конфликт потрае“, рече Србиновски.

Македонија е на трето место од балканските држави во однос на меѓусебната трговска размена со Украина, веднаш по Бугарија и Србија. Таму се извезуваат земјоделски производи, македонско вино и друго. Според статистичките податоци билатералната трговија помеѓу двете земји во 2020 година изнесувала 99,8 милиони евра, а претходните година и била и повисока. Минатата година беше потпишан и договор за безцарински извор на некои македонски производи во Украина.

Во Русија пак, Македонија најмногу извезува лекови, овошје, зеленчук и тутун, а увезува енергенси како гас, нафта и производи од црната металургија. За трговската размена на годишно ниво се проценува на над сто милиони долари.