Медведев: На Русија повеќе не и требаат дипломатски врски со Западот

Дмитриј Медведев

На Русија повеќе не и требаат дипломатски врски со Западот, откако се воведоа санкции кон Москва поради, како што ја нарече, руската воена операција во Украина, изјави поранешниот претседател и втор човек на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев.

Медведев, пишувајќи на социјалните мрежи, наведе дека е време да се „заклучат амбасадите“.

Тој посочи и дека Москва ќе ја продолжи својата операција во Украина додека не ги постигне целите дефинирани од претседателот Владимир Путин.

Медведев ги даде коментарите на својата официјална страница на руската социјална мрежа ВК.

Како што пренесе новинската агенција РИА, Медведев вели дека Русија ќе одговори на заплената на пари на руски државјани и компании во странство со запленување средства на странци и странски компании во Русија.

ЕУ, САД, Британија и други западни земји воведоа санкции кон Русија.

Синоќа Европската унија се согласи да ги замрзне и средствата на рускиот претседател Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, како дел од масовниот пакет санкции договорен на вонредниот самит на лидерите на ЕУ.

Новите санкции се придужуваат на претходните со кои се замрзна имотот и воведоа забрани за патување за високи функционери и пратеници во Кремљ. Ограничувањата се насочени и кон енергетскиот, финансискиот и транспортниот сектор на Русија, воведена е забрана за извоз на критични технологии и софтвер од Европа во Русија, а има најави и за визни ограничувања.

Руската војска завчера започна напад на Украина, а украинскиот претседател прогласи вонредна состојба и нареди општа мобилизација.