Од Скопје до Киев

МАКЕДОНИЈА - Членовите на еврејската група Лев Тахор сметаат дека непотребно се создава омраза против нив, појаснуваат дека во земјава се туристички и не планираат да останат повеќе од еден месец. Како што пренесува МИА, од групата велат дека Северна Македонија е прекрасна земја, народот е добар, независно што поединци негативно реагираат на нивното присуство.

САД / УКРАИНА - Во своето обраќање пред Генералното собрание на ОН во Њујорк, американската амбасадорка во Обединетите Нации, Линда Томас-Гринфилд, предупреди дека светот стои на раскрсница во историјата на оваа борба, додавајќи дека дејствијата на Русија само го потврдуваат она за што веќе предупредиле.

МАКЕДОНИЈА - Во телефонски разговор со неговиот украински колега Денис Шмигаљ, македонскиот премиер Димитар Ковачевски му ја изразил поддршката на Северна Македонија за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, соопшти владината Прес-служба.

ХРВАТСКА - Хрватската демократска заедница (ХДЗ) денеска ги демантираше информациите дека поради последниот скандал во владата, кога беше уапсен министерот за градежништво, Дарко Хорват, дошло до поделби и несогласувања меѓу коалициските партнери и самата партија, на чие чело е премиерот Андреј Пленковиќ.

РУСИЈА - Русија најави дека американските санкции ќе наидат на силен одговор, откако американскиот претседател Џо Бајден најави нови мерки кон Москва поради почетокот на инвазијата на Украина, пренесува АФП.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Велика Британија изјави дека е спремна да и обезбеди на Украина дополнителна воена поддршка, вклучително и смртоносно одбранбено оружје и големи гаранции за заем за да му помогне на Киев да ја преброди руската агресија.

МАКЕДОНИЈА - Град Скопје денеска поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за злоупотреба на службената положба и овластување и несовесно работење во службата за поранешни и сегашни вработени во град Скопје, и тоа, како што информираа од таму против поранешниот генерален секретар на Град Скопје Викторија Аврамовска-Мадиќ, поранешниот помошник раководител на сектор за поддршка на градоначалник Ваљон Салиху, раководителот на одделението за ИКТ инфраструктура Никола Трајковски, како и вишиот соработник во одделение за координација на активности на градоначалник, Влатко Васиљ.

ТУРЦИЈА - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган повторно зборуваше за можноста за подобрување на врските со Ерменија, велејќи дека Анкара би можела да ги отвори границите кон својот сосед и да ги обнови дипломатските врски доколку Ереван остане посветен на тековниот процес на нормализација на односите меѓу двете држави.

МАКЕДОНИЈА - Извор на сите наши витални проблеми се сите документи што не се конзистентни со основните премиси на македонизмот, а такви се Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанската спогодба, рече претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Љупчо Коцарев, во своето експозе на Годишното собрание на МАНУ, за кое рече дека е авторски текст во кое изнесува негови лични ставови и наведе три предизвици за земјава - македонскиот опстој, ЕУ-интеграцијата и иднината на државата.