Ковачевски ќе разговара со Шмигаљ за помошта која би и ја понудиле на Украина

Димитар Ковачевски

Портпаролот на Владата, Душко Арсовски, на денешната прес-конференција информираше дека во текот на денот премиерот Димитар Ковачевски во телефонски разговор со украинскиот колега Денис Шмигаљ ќе понуди помош за Украина во случај на ескалација на кризата кај руската граница.

„Република Северна Македонија и досега во повеќе наврати помагала во слични ситуации и секако дека ќе понудиме помош. Премиерот Ковачевски денеска телефонски ќе разговара со премиерот на Украина, Денис Шмигаљ и една од темите ќе биде токму таа, за видот на помошта која би можеле да ја обезбедиме. По овој контакт Владата ќе направи проценка и ќе имаме повеќе информации каква помош би понудила државата,“ рече Арсовски без да конкретизира со бројки за тоа колку бегалци би можела да прифати Македонија од Украина.

Дополнително е информирано дека по повикот од Министерството за надворешни работи, заклучно со вчерашниот ден досега од Украина се вратиле 13 македонски државјани кои ја имале контактирано македонската амбасада во Киев.