Достапни линкови

Признавањето на Путин ги опфаќа сите територијални претензии на сепаратистите во Украина


Рускиот претседател Владимир Путин потпишува документи, вклучително и декрет за признавање на две сепаратистички ентитети поддржани од Русија во источна Украина за време на церемонијата во Москва на 21 февруари.
Рускиот претседател Владимир Путин потпишува документи, вклучително и декрет за признавање на две сепаратистички ентитети поддржани од Русија во источна Украина за време на церемонијата во Москва на 21 февруари.

По првичните нејасни и контрадикторни изјави на руските официјални лица, претседателот Владимир Путин појасни дека Русија ги признала како независни сепаратистичките формации во источна Украина не само како што постојат сега, туку дека сочинуваат многу поголемата територија. Роберт Коалсон

Заедно со многу други грижи, брзо спроведената одлука на рускиот претседател Владимир Путин да ги признае сепаратистичките ентитети што Москва ги поддржува во источна Украина како независни држави на 21 февруари веднаш го постави прашањето: што точно призна Москва?


Кога сепаратистите поддржани од Русија зазедоа делови од земјиштето во регионот познат како Донбас во 2014 година, тие подготвија „устави“ кои тврдеа дека имаат доминација врз целата територија на украинските провинции Луганск и Доњецк кои имаат површина од над 53.200 квадратни километри.

По неколкумесечните интензивни борби и договорот за прекин на огнот во февруари 2015 година, кој не успеа да стави крај на војната меѓу Киев и силите поддржани од Русија, двете страни беа разделени со линија на контакт што ја остави украинската војска под контрола на околу две третини на таа територија, вклучувајќи го и важното пристаниште Мариупол во Азовското Море.

Сепаратистите ја држат другата третина, вклучувајќи ги двата главни градови Доњецк и Луганск.

Извршните наредби што Путин ги издаде на 21 февруари не прецизираа дали Русија смета дека сепаратистичките ентитети постојат само во границите на територијата што ја контролираат или на територијата за која тврдат дека им припаѓа.

Руските функционери го поминаа следниот ден нудејќи нејасни и понекогаш контрадикторни изјави по кој пат избра Путин. Разликата може да биде клучна, вели аналитичарот Константин Скоркин од Московскиот Карнеги центар.

„Сепаратистите би можеле да ја обноват својата борба за воспоставување на нивниот територијален интегритет. Ова може да значи зголемување на тензиите и продолжување на воената активност врз основа на нивните територијални претензии, кои би можеле да ги вклучат руските сили на еден или друг начин“.

Бајден- Кој му даде право на Путин да прогласува независност на туѓи територии

Меѓутоа, доцна на 22 февруари, Путин појасни дека неговото признавање на сепаратистите, всушност, ги вклучува и нивните територијални претензии, што потенцијално ја отвора вратата за понатамошен воен конфликт со Украина.

„Ги признавме, што значи сите нивни основачки документи и устави, кои велат дека нивните граници се совпаѓаат со регионите Луганск и Доњецк кога беа дел од Украина“, рече Путин во Москва, додавајќи:

„Но, нагласувам дека многу се надеваме оти овие прашања сепак може да се решат со мирни преговори, иако засега тоа не доаѓа предвид, бидејќи таму се водат борбени активности, а ситуацијата се влошува“.

Се повторува ли сценариото со анексијата на Крим?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:39 0:00

Киев инсистира на тоа дека не извршил никаква воена активност во регионот на Донбас и дека целото гранатирање долж линијата на контакт доаѓа од сепаратистичките сили поддржани од Русија.

Русија, според проценките на САД, има до 190.000 војници распоредени во близина на нејзините граници со Украина и во украинскиот регион Крим, окупиран од Русија. Тоа ги натера Киев и западните влади да предупредат дека може да биде неизбежна масовна инвазија.

Во меѓувреме, Советот на Федерацијата, горниот дом на рускиот парламент, набрзина го одобри барањето на Путин за распоредување воени сили надвор од Русија.

Има убедливи докази за руското воено присуство во Украина со години, и покрај негирањето на Москва дека е страна во конфликтот.

Одлуката на Советот на Федерацијата го отвора патот за отворено распоредување на руските сили на територијата контролирана од сепаратистите, како и во други делови на Украина.

Пред гласањето, заменик-министерот за одбрана Николај Панков без докази им рече на пратениците дека „украинското раководство тргна по патот на насилство и крвопролевање“.

Сите земји од регионот, освен Србија, го осудија признавањето на Доњецк и Луганск

„На границите на ДНР и ЛНР“, вели Панков, користејќи ги кратенките со кои се општо познати сепаратистичките формации, „Украина изгради воена група од 60.000 војници, вклучувајќи ракетни системи“.

Дури и пред да бидат јасни намерите на Путин, претставниците на сепаратистичките формации во Украина почнаа да го притискаат своето тврдење за целата територија.

Руски воени возила и тенкови влегуваат во Украина
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:43 0:00

Во интервју за руската државна телевизија, шефот на сепаратистите во Доњецк, Денис Пушилин рече дека двете формации „имаат свои граници во регионите Доњецк и Луганск“. „Времето ќе покаже што ќе се прави понатаму“, додаде тој.

Водечкиот сепаратист во Луганск, Дмитриј Хорошилов, на 22 февруари им рече на новинарите дека таканаречената „народна република“ што ја прогласија сепаратистите ја опфаќа целата предвоена Луганска област, чии делови се „окупирани од украинските сили“.

„Мислам дека ќе ја повикаме Украина доброволно да ги повлече своите сили“, рече тој, сугерирајќи дека силите против Киев ќе се обидат да преземат контрола над целата провинција.

Русија ги повикува останатите земји да ја признаат независноста на Доњецк и Луганск

Друг сепаратистички лидер во Луганск, Родион Мирошник, изјави дека двете сепаратистички групи имаат „секое право, формално и неформално“ да ги натераат Русија и Украина да ги прифатат границите утврдени во „уставите“ на ентитетите.

Непосредно пред коментарите на Путин, сепаратистите официјално побараа од Киев да ги повлече своите воени сили од територијата на двата региона кои остануваат под контрола на Украина.

Инаку, во текот на целиот ден на 22 февруари, руските власти изгледаа несигурни за намерите на Путин и за импликациите од најновите случувања.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека двете формации биле признати „во оние граници во кои биле прогласени“. На прашањето дали меѓу признатите структури е вклучен и Мариупол, Песков рече: „Немам што да додадам. Во тие граници во кои постојат и беа прогласени“.

Тоа звучи крајно контрадикторно, бидејќи границите што ги прогласија сепаратистите - границите на провинциите Доњецк и Луганск - лежат многу подалеку од постојните граници на територијата што е под контрола.

Забелешките на Песков можеа да укажат дека Москва намерно сее конфузија. Подоцна истиот ден, коментарите на портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова, сугерираа дека Русија сака да ги држи отворени своите опции -- и да ја задржи во резерва заканата од дополнителни територијални претензии.

„Нема ништо изненадувачки во фактот што постојат суверени земји чии граници не се решени или едноставно не се одредени - многу од нив“, рече таа, додавајќи: „Значи, ова е прашање за иднината и тоа ќе се реши“.

Заменик министерот за надворешни работи Андреј Руденко исто така беше енигматичен во своите коментари. „Русија ги признава ДНР и ЛНР внатре во границите во кои раководството на ДНР и ЛНР го реализира својот авторитет и јурисдикција“, рече Руденко.

Истакнатиот руски телевизиски коментатор Владимир Соловјов, пак, напиша дека на сепаратистите од Доњецк „им треба пристап до Азовското Море и контрола над пристаништето Мариупол“.

Економистот и блогер Хазби Будунов пред забелешките на Путин наведе дека ако признавањето на Русија се прошири на деловите на двата украински региони за кои сепаратистите тврдат дека се нивни, тоа е еднакво на „напад од Русија“.

Политичкиот аналитичар Александар Баунов, висок соработник во Московскиот Карнеги центар, оценува дека руското признавање на територијалните претензии на сепаратистите би значело продолжување на „воениот притисок врз Украина, а преку неа, и врз Западот“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG