Украина почна со регрутирање резервисти

Војник од единицата на украинската воздушна бригада во регионот на Донбас, 22.02.2022

Украина на 23 февруари почна да регрутира воени резервисти на возраст од 18 до 60 години по указот издаден од претседателот Володимир Зеленски бидејќи земјата се соочува со закана од целосна инвазија од Русија. Зеленски, во телевизиско обраќање на 22 февруари, рече дека ќе спроведе регрутирање на резервисти, но дека во овој момент не наредува општа мобилизација на војската.

„Мораме да ја зголемиме подготвеноста на украинската армија за сите можни промени на оперативната ситуација“, рече тој.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Се повторува ли сценариото со анексијата на Крим?

Зеленски додаде дека сè уште бара дипломатски излез од сегашната криза, но инсистираше на тоа дека Украина нема да ѝ отстапи никаква територија на Русија. Во меѓувреме украинските власти ги повикаа своите граѓани да избегнуваат патување во Русија, a оние кои се таму веднаш да ја напуштат, наведувајќи дека е можно нарушување на конзуларните услуги во услови на зголемени тензии.

На 21 февруари, рускиот претседател Владимир Путин рече дека ги признаваат двата сепаратистички региони во источна Украина како независни држави и дека таму ќе испрати руски војници, чекори што ги осудија Киев, Обединетите нации, Западот и други земји. Западните лидери рекоа дека чекорите на Москва преземени оваа недела се првите кон евентуалната целосна инвазија на Украина.