Протест на матични лекари и стоматолози, ќе се примаат итни случаи

Илустративна фотографија

Матичните лекари кои се дел на Здружението на приватни лекари најавија протест во текот на утрешниот ден на кој им се придружија и здруженија на приватните стоматолози. Како што најавија од Здружението на приватни лекари, утре нема да користат „Мој термин“, а ќе работат само со итни пациенти. Притоа сите вработени ќе дојдат на работа во амбулантите.

„Долго време никој не реагира на нашите апели да примарното здравство – не може да ги издржи овие финансиски шокови. Покачување на минимална плата, покачување на сметки за струја на концесионери, казни по матични доктори, поскапување на гориво и храна“, се наведува во нивното соопштение.

Со протестот бараат и олеснување на казнената политика, основен пакет на услуги и повисока капитација. Додаваат дека се потребни неколку реформи за позадоволни доктори и медицински персонал.

„Ако си заминат сестрите од малите места нема да има тимови, ако нема тимови нема амбуланти. Тоа е на штета на народот“, се додава во соопштението.

На утрешниот протест им се придружија и од Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи и Приватни доктори по дентална медицина.

Посочуваат дека се револтирани од катастрофалната состојба во стоматологијата. Затоа ги повикаа своите членови и останати стоматолози да се приклучат на протестот така што ќе бидат во своите амбуланти меѓутоа нема да примаат пациенти освен пациенти за итна и неодложна интервенција.