Малолетник од Славонски Брод ја хакирал А1 Хрватска па барал откуп

Илустрација

Хрватската полиција го уапси хакерот кој украде податоци од 100.000 корисници на А1 Хрватска и бараше откуп од 500.000 долари во криптовалути. Се работи за малолетно лице од Славонски Брод, а според полицијата податоците на корисниците не биле злоупотребени.

Началникот на Службата за кибер-безбедност при Полициската управа, Ренато Гргуриќ рече и дека засега со случајот како помошник се поврзува лице од странство.

„Без оглед на тоа што е малолетник, во овој момент веќе има доволно докази кои укажуваат на основано сомнение дека е сторител. Наскоро ќе биде поднесена кривична пријава до државниот правобранител за млади“, истакна Гргуриќ.

Порталот Индекс објави дека имаат неофицијални информации оти малолетниот хакер оди во основно училиште. Полицијата го класифицира под категоријата малолетник, што е поим кој вклучува тинејџери на возраст од 14 до 16 години.

„Ниту еден систем не е совршен, имаше неколку случаи на прекршување на системот. Секој таков хакерски напад е добра причина компаниите да ги подобрат своите системи за заштита“, објасни Гргуриќ.

Тој додаде дека минатата година е забележан пораст од 25 отсто на компјутерски измами и хакерски напади.