Полицијата спречи стотици возила да влезат во Париз за протест против антиковид мерките

Протест против мерките воведени за спречување на ширењето на коронавирусот во Париз

Француската полиција соопшти дека запрела 500 возила кои денеска се обиделе да влезат во Париз во рамки на „конвојот на слободата“, покренат во знак на протест поради мерките воведени за спречување на ширењето на коронавирусот.

Во соопштението се наведува дека возилата се пресретнати на три контролни пункта на влезовите во Париз, а изречени се над 150 парични казни.

Француската полиција соопшти дека скоро 7200 припадници на безбедносните сили се распоредени за спроведување на мерките за забрана за движење во конвоите.

Претставник на париската полиција рече дека формирале привремен паркинг на кој неколку илјади камиони-пајаци ќе ги носат возилата за да спречат каква било блокада.

На улиците на Париз, првпат од завршувањето на протестот на „Жолтите елеци“ кон крајот на 2018 година се распоредени и оклопни возила.

Демонстрантите се инспирирани од потегот на камионџиите во Канада кои го блокираа прекуграничниот сообраќај со САД и реагираат против актиковид мерките, но и против растот на цената на енергенсите.

Главно барање на демонстрантите е укинување на потврдите за вакцинација кои се неопходни за влез во голем број јавни места, како и поголема помош од властите со сметките за струја.