Собранието расправа за избор на заменици-министри во Владата

илустрација

Собранието денеска во рамки на 62. седница ја почна расправата за избор на заменици-министри во Владата.

За заменик-министер за одбрана е предложен Башким Хасани, за заменик-министер за внатрешни работи Назим Буши, за правда Агим Нухиу, а за надворешни работи Фатмире Исаки. Во Министерството за финансии за заменик-министер е предложен Филип Николоски, во Министерството за економија Зоран Маневски, а во Министерството за земјоделство Абдулшуќур Абедини. За заменик на министерот за здравство е предложен Владимир Рендевски, во Министерството за образование и наука за заменик е предложен Лулзим Алиу, додека во Министерството за труд и социјална политика Енвер Хусејин.

Зоран Димитровски е предложен за заменик министер за локална самоуправа, за култура Даим Лучи, за информатичко општество Александар Бајдевски, за транспорт и врски Беким Реџепи и за животна средина Христина Оџакиевска. Во Министерството за политички систем за заменик-министер е предложен Џабир Доко.

Премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето пред пратениците рече дека станува збор за компетентни личности со интегритет за кои е уверен дека ја имаат потребната мотивација посветено да се вложат во имплементацијата на владината програма. Порача дека врвен приоритет на Владата останува ефикасното и одговорно владеење со фокус на решавањето на клучните проблеми кои ги засегаат граѓаните.

За опозицијата, предложените заменици-министри се старо-нови кадри кои не ја заслужуваат довербата од пратениците. Според опозицијата, доставен е предлог со козметички измени и се прави целосна дуизација во власта.