Кривична за сообраќајката пред Влада, возачот на „шкодата“ минал на црвено

Илустративна фотографија

СВР Скопје поднесе поднесе кривична пријава против Ј.Б.(38) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на безбедноста во сообраќајот“.

Полицијата утврдила дека возачот, во понеделникот вечерта, во 19.15 часот, управувајќи патничко возило „шкода“ со скопска регистрација не застанал на црвено светло на семафор на бул.„Св.Климент Охридски“ во Скопје. Притоа навлегол во крстосницата со бул „Илинден“ каде удрил во патничко возило „киа“, управувано од А.Т.(36) од Скопје. Ова возило пак од ударот го променило правецот и удрило во уште едно патничко возило од марката „фиат“, управувано од Д.П.(45) од Скопје.

Во несреќата со повреди се здобиле возачот кој минал на црвено заедно со неговиот сопатник Б.Љ.(35) од Скопје. Двајцата со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.

Како што јавија дел медиуми во понеделникот вечерта одејќи кон зградата на Владата, каде што се одржуваше состанок, возачот на службената „шкода октавија“ во која беа министрите за финансии и за економија Фатмир Бесими и Крешник Бектеши, ја предизвикал сообраќајната незгода.

Министерот Бесими вечерта на социјалната мрежа Фејсбук ги потврди таквите информации.

„Освен материјална штета на возилата, за среќа нема потешко повредени лица. Дел од учесниците се здобија само со полесни повреди. На повредените им посакувам брзо оздравување“, напиша Бесими.

Двајцата министри вечерта одеа на седницата на економско социјалниот совет на која се разговараше за минималната плата.