Османи-Шоле: потврдена поддршката на САД за почнување на преговорите со ЕУ

Министерот за надворешни работи Бујар Османи телефонски разговарал со Дерек Шоле, советник на Стејт департментот на САД,9.2.2022

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска телефонски разговарал со Дерек Шоле, советник на американскиот Стејт департмент. Разговорот следува веднаш по посетата на советникот Шоле на Бугарија што, како што информираат од Министерството за надворешни работи, „е особено значаен моментум, имајќи го предвид и нововоспоставениот дијалог меѓу Скопје и Софија и преземените чекори во насока на градење на довербата и надминување на предизвиците меѓу двете земји“.

Османи, информираат од МНР, изразил благодарност за континуираната поддршка од Соединетите Американски Држави за реализација на стратегиските цели.

„Во оваа прилика советникот Шоле уште еднаш ја реафирмираше американската јасна и недвомислена поддршка за што поскоро отпочнување на пристапните преговори со ЕУ, при што беше заемно оценето дека европската перспектива и присуството на САД во регионот се особено значајни за стабилноста и просперитетот на Северна Македонија и Западен Балкан“, информираат од МНР.

Американската амбасада во Бугарија, пак, наведува дека Шоле ја посетил земјата како дел од билатералниот стратегиски дијалог меѓу Бугарија и САД и дека се работи за делегација која е во турнеја на повеќе земји. Американскиот дипломат се сретнал со вицепремиерот Асен Василев, министерот за одбрана Стефан Јанев и министерката за надворешни работи Теодора Генчовска.

Инаку на 10 и 11 февруари претставници на министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија ќе имаат средба во Софија на која ќе се разговара за отворените политички прашања меѓу двете земји поради кои источниот сосед ја блокираше македонската европска интеграција во 2020 година.