Џонсон утре во посета на Полска и на седиштето на НАТО во Брисел

Британскиот премиер Борис Џонсон.

Британскиот премиер Борис Џонсон утре ќе биде во дипломатска турнеја на Полска и Белгија, каде ќе го посети седиштето на НАТО во Брисел, во услови на зголемени тензии меѓу Русија и Западот поради трупањето на над десетици илјади руски војници на границата со Украина.

Во соопштението на НАТО објавено на 9 февруари се вели дека Џонсон ќе го посети Брисел на 10 февруари за да разговара со генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг. Тие двајца ќе одржат и заедничка прес-конференција.

Портпаролот на полското Министерство за надворешни работи соопшти дека утре британскиот премиер Џонсон и полскиот премиер Матеуш Моравјецки, ќе се сретнат со британските војници стационирани во Полска, а потоа Џонсон ќе разговара и со полскиот претседател Анджеј Дуда.

Од канцеларијата на Џонсон засега нема потврда за двете посети.

Велика Британија на 7 февруари соопшти дека ќе испрати дополнителни 350 војници во Полска, која е членка на НАТО. Британија лани таму распореди 100 војници за време на мигрантската криза на границата со Белорусија.