Владата одобри 47 милиони евра за ЕСМ за справување со енергетската криза

Електрична централа

Владата одобри 2,9 милијарди денари, околу 47 милиони евра, на Електрани на Северна Македонија(ЕСМ), претпријатие во државна сопственост за справување со кризната состојба во снабдувањето со струја, одлучено е на денешната владина седница. Од владината прес-служба по седницата информираа дека се задолжува ЕСМ овие пари да ги искористи за реализација на мерките за обезбедување дополнителни количини на електрична енергија. Одобрено е ЕСМ да овозможи ЕВН одложено да ги плати сметките на доспеаните фактури за декември и јануари до 01.07.2022 година.

Владата ги прифати и заклучоците на Министерството за финансии со кои се задолжуваат буџетските корисници од централната власт, во најкраток временски рок да ги подмират заостанатите обврски за потрошена струја и во утврдените рокови да ги плаќаат фактурите. Се препорачува и единиците на локална самоуправа и институциите во нивна надлежност да ги подмират заостанатите сметки.

Претходно од Град Скопје побараа итна интервенција од Владата за решавање на проблемот со енергетската криза, оти со зголемување на цената на електричната енергија, сметките за електрична енергија буквално ги „јадат“ редовните општински буџети .

Владата уредба за активирање на единствениот број за алармирање на кризи Е-112.

Понатаму на владината седница е заклучено да се повлече Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета од собраниската постапка и на усвојување пред пратениците да го достави новиот текст на предлог-законот во кој во членот 6 е избришана формулацијата „негативно мислење“.

Со таа измена членот 6 од предложениот закон гласи: „За навреда одговара тој што со намера да омаловажи, со изјава, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази за друг со утврден или очевиден идентитет омаловажувачко или понижувачко мислење, со кое се повредува неговата чест и углед“.