Завршена истрагата за несреќата кај Струма-виновен возачот

На 23 ноември 2021 , во раните утрински часови автобусот на „Беса транс“ којшто од Истанбул се враќаше со туристи, удри во ограда на автопатот Струма, кај селото Боснек при што загинаа 45 македонски државјани

Истрагата за сообраќајната несреќа на автопатот Струма, во Бугарија, во која загинаа 45 граѓани на Северна Македонија е завршена, изјави за БТВ истражителот на бугарската Национална истражна служба Младен Петров. Како што јави дописникот на МИА од Софија, заклучокот од истрагата е дека единствена причина е човечка грешка на возачот, а поради непостоење на виновно однесување, случајот речиси сигурно ќе биде затворен.

Младен Петров изјави дека само однесувањето на возачот на македонскиот автобус е причина за настанување на таквата состојба и несреќата. Проверени се сите претпоставки за присуство на запаливи течности во автобусот и јасно е утврдено дека такви немало. Според истражителот, истрагата утврдила дека видливоста била добра и немало магла.

Бугарскиот тим истражители, исто така, ја отфрла верзијата дека ознаката на патото можеби е причина за несреќата. Според Петров, хоризонталните ознаки на патот и страничните ознаки биле малку избледени, но не и невидливи.

„Средната, централна линија што ги дели лентите е прилично светла и секако видлива“, рече Петров.

Во конкретната ситуација, насочувањето на автобусот на „Беса транс“ од активната коловозна лента и ударот во заштитната ограда довело до продирање и уништување на конструктивни елементи, притисок на резерворот за гориво и компресија на неговата содржина.

„Ова е придружено со обилни искри од триење, кое ја достигнало потребната температура и притисок за да се запали горивото“, изјави истражителот Младен Петров.

Тој најави дека сега се чека преглед на мислењето на истражниот тим, кое ќе го вршат обвинители.

„Треба да се вклучат жртвите, роднините на загинатите и преживеаните патници. Нашето мислење е дека нема виновно однесување што е причинско-последична врска за овој резултат“, рече Петров, посочувајќи дека истрагата најверојатно ќе биде прекината.

Јавниот јавен обвинител Љубомир Јовески неодамна во интервју за РСЕ, рече дека има неколку можности семејствата на сега загинаттите патници врз основа на одлуката да поднесат жалба до обвинителството на Република Бугарија.

„Имаат право да ги разгледаат списите во конкретниот предмет. Исто така им стои на располагање и можност пред надлежните органи на Република Бугарија да поднесат граѓанска тужба за надоместување на штета“, вели Јовески.

Несреќата се случи на 23 ноември, минатата година во раните утрински часови, при што автобусот на „Беса транс“ којшто од Истанбул се враќаше со туристи, удри во ограда на автопатот Струма, кај селото Боснек, меѓу загинатите имаше 12 деца, а седуммина преживеаја.