Уставниот суд на Албанија решава за отповикување на претседателот Мета

албанскиот претседател Илир Мета

Уставниот суд на Албанија го започна процесот што ќе заврши со одлука за решението на парламентот да го отповика претседателот Илир Мета поради кршење на Уставот. Одлуката на Уставниот суд е последниот чекор во процесот што ќе утврди дали Мета ќе биде сменет или ќе може да остане на функцијата до крајот на неговиот мандат во јули. Засега не се знае кога ќе се произнесе Уставниот суд, а процесот би можел да трае еден месец. Во јуни минатата година, парламентот гласаше за отповикување на Мета, откако парламентарната истрага заклучи дека албанскиот претседател прекршил 16 члена од уставот и поттикнал насилство врз владејачките социјалисти за време на кампањата за парламентарните избори на 25 април.

Анкетна комисија оцени дека албанскиот претседател Мета ги прекршил уставните надлежности

Мета ја осуди истрагата и одлуката на парламентот за отповикување, тврдејќи дека тие се незаконски. Процесот на отповикување го иницираа 49 пратеници од Социјалистичката партија на Албанија, обвинувајќи го Мета, поранешниот премиер на партијата што ја напушти пред неколку години, за поттикнување нестабилност и насилство и застанување на страната на опозицијата пред изборите.

Деветти парламентарни избори во Албанија

Социјалистичката партија на Еди Рама освои 74 од 140 места во парламентот и обезбеди трет четиригодишен мандат. Функцијата на претседателот на Албанија е главно церемонијална, но тој има одредени ингеренции во судството и армијата. Откако ја презеде функцијата во 2017 година со поддршка на социјалистите, Мета се спротивстави на нивните потези, блокирајќи ги номинациите на министрите и ставајќи вето на законите.