Русија- САД ги игнорира нашите безбедносни грижи, но дијалогот е можен

Портпаролот на Кремљ Дмитри Песков

Кремљ вели дека загриженоста на Русија за безбедносните гаранции не била земена предвид од страна на Соединетите Американски Држави во писмениот одговор кој го доставиле на неодамнешните барања на Москва, иако постои простор за продолжување на дијалогот со Вашингтон за ова прашање. Во своите одговори, Соединетите Држави го отфрлија барањето на Москва да им се забрани на Украина и Грузија да се приклучат на воениот сојуз на НАТО во одреден момент, нудејќи наместо тоа „сериозен дипломатски пат“ за излегување од кризата што се појави поради руското трупање на десетици илјади војници во близина на нејзината граница со Украина, а што се смета и за можен вовед во упад во поранешната советска република.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека одговорот на Вашингтон пратен на 26 јануари ја повторил посветеноста на Западот за одржување на политиката на „отворени врати“ на НАТО.

Блинкен рече дека писмото е целосно координирано со Украина и европските сојузници на Вашингтон и „поставува сериозен дипломатски пат напред, доколку Русија го избере тоа“, бидејќи САД се обидуваат да спречат воена ескалација против Украина. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска рече дека американскиот одговор не покажал „подготвеност“ да се приспособи на руските грижи.