Лондонската полиција ќе ги истражува наводите за забавите на Даунинг Стрит

Британскиот премиер Борис Џонсон се соочува со обвинувања за наводни забави организирани на Даунинг Стрит за време на ковид рестрикциите во 2020 година.

Лондонската полиција започна истрага за забавите во резиденцијата на премиерот Борис Џонсон и во владините оддели за време на заклучувањето поради ковид пандемијата.

Комесарот на метрополитенската полиција Кресида Дик денеска изјави дека Скотланд Јард истражува „голем број настани“ откако еден ден претходно се појавиле нови наводи дека Џонсон ги прекршил правилата за заклучување, што тој ги наметнал, со присуство на роденденска забава во јуни 2020 година во неговатата резиденција на Даунинг Стрит.

Тоа се надоврза на долгата листа на наводни за прекршувања на рестрикциите на Даунинг Стрит, вклучително и за забавата „донесете сопствен алкохол“, за која Џонсон рече дека присуствувал на неа мислејќи дека станува збор за работен собир.

Наводите за „партигејт“ налутија многу Британци кои беа со месеци затворени во 2020 и 2021 година за да го спречат ширењето на КОВИД-19, предизвикувајќи ја најтешката криза во премиерскиот мандат на Џонсон, а беа поттикнати и повици за негова оставка.

Високиот државен службеник, Сју Греј, исто така води истрага за низата наводи и се очекува наскоро да ја објави.

Велика Британија е меѓу европските земји кои се најтешко погодени од пандемијата, со повеќе од 16 милиони инфекции и 154.000 смртни случаи.