Милошоски го повика Османи да достави одговори пред Комисијата за надворешна политика

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на собраниската Комисија за надворешна политика Антонијо Милошоски изјави дека преку писмо побарале од министерот за надворешни работи Бујар Османи да дојде пред Комисијата за надворешна политика во Собранието и да ги достави одговорите кои, како што се наведува, македонската страна ги има испратено до официјална Софија за таканаречениот „план 5+1“.

Милошоски вели дека во писменото барање се предлага седницата да биде отворена за јавноста и да се одржи што е можно поскоро, односно во периодот меѓу 26 јануари и 15 февруари оваа година.

„Ова го бараме затоа што сметаме дека не е транспарентно и не е демократски доколку пратениците во софиското Собрание го знаат она што македонските пратеници не го знаат и македонската јавност има право преку претставниците во Законодавниот дом да дознае за што се работи. Дали има нешто да се крие или има нешто да се разговара со сите пратеници“, вели Милошоски.

Барањето на Милошоски доаѓа додека македоснкиот Владин тим предводен од премиерот Димитар Ковачевски е во дводневна посета на Софија, а денеска беше одржана заедничка седница на владите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија во резиденцијата „Бојана“.

На заедничката седница беа потпишани три меморандуми за земјоделство, за мали и средни претпријатија и за железничката линија Скопје-Софија.

Иако новите премиери на владите на двете земји Димитар Ковачевски и Кирил Петков на нивната втора прес конференција во последниве две недели, повеќе зборуваа за економски теми, Петков најави и нов пристап во историската комисија.

Ковачевски изјави дека во однос на политичките прашања, критериум за успешност ќе биде доколку низ разговор на сите комисии и низ политички дијалог меѓу владите, постигнат договор, со што во догледен период би била одржана прва меѓувладина конференција за Северна Македонија со ЕУ.

Милошоски вели дека Османи има законска обврска да се обрати пред Комисијата за надворешна политика.

„Сметам дека со порака преку јавноста, освен со писмено барање, ќе успееме да ги доведеме министрите во Собранието каде што имаат законска надлежност да дадат отчет за нивната работа, а Собранието да биде надзор и контрола“, нагласи Милошоски.

Заедничките конференции се случуваат откако двете земји избраа нови влади, но преговорите за спорот меѓу двете земји траат откако Бугарија почна да ја блокира македонската европска интеграција во 2020 година, најпрво со инсистирање на теми поврзани со историјата и јазикот.