Почина македонскиот диригент и композитор Александар Џамбазов

Маестро Александар Џамбазов.

Почина композиторот и диригент, маестро Александар Џамбазов на 85 годишна возраст. Тој беше автор на голем број дела од класичната музика, меѓу кои „Рапсодија за Скопје“, „Седум танцови варијации“ за пијано и оркестар, хорски композиции, голем број детски песни...

Роден на 3 февруари 1936 година во Скопје, Џамбазов музичка академија завршил во Белград, по што скоро целата кариера ја минува на работа во Македонската радио-телевизија како диригент на Танцовиот и Ревискиот оркестар.

Џамбазов има реализирано бројни концерти во живо, а добитник е на десетици награди. Тој беше иницијатор и долгогодишен диригент на фестивалот за деца „Златно Славејче“ во Скопје.

Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ) денеска „со огромно жалење“ соопшти дека починал Џамбазов кој беше долгогодишен член на СОКОМ.

Тој е втемелувач на македонската детска и популарна музика со голем број на изведенки, снимени, печатени и наградени дела во земјата и странство, истакнат општествен деец во целокупната музичка култура за што е добитник на 40 стручни и општествени награди и признанија во Македонија и во поранешна СФР Југославија, наведуваат од СОКОМ.