Пратасевич повеќе не е во домашен притвор во Белорусија

Белорускиот новинар Раман Пратасевич присуствува на прес-конференција во Националниот прес-центар на Министерството за надворешни работи во Минск. 14 јуни 2021 година

Белорускиот новинар Раман Пратасевич изјави дека повеќе не е во домашен притвор. Тој минатата година беше приведен, откако комерцијалниот лет во кој беше патник, принудно слета во Минск.

Пратасевич во денешно интервју за Јутуб каналот на Дмитриј Бељаку - директор на провладиниот центар за одбрана на системските права во Белорусија, рече дека заминал од местото каде што престојувал.

Земјите ширум светот го осудија белорускиот авторитарен лидер Александар Лукашенко за „државно киднапирање“ на патничкиот авион за да бидат уапсени Пратасевич и неговата руска девојка Софија Сапега.

Летот на 23 мај беше на пат од Атина за Вилнус, кога официјални лица го принудија да слета итно во главниот град на Белорусија поради закана за бомба, за што неколку земји рекоа дека станува збор за измама.

„Само што го напуштив местото каде што бев во домашен притвор“, рече Пратасевич додавајќи дека му било тешко да се прилагоди на животот по седум месеци домашен притвор.

Пратасевич не кажа кога точно бил ослободен од домашен притвор, додавајќи дека нема конкретни планови освен дека ќе работи на медиумски активности во Центарот за одбрана на системските права. Тој исто така рече ќе го рестартира својот канал на Телеграм, Справа, додека истрагата за неговиот случај продолжува.