Министрите за надворешни работи на Русија и Германија на средба во Москва

Сергеј Лавров и Аналена Баербок

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок престојува во Москва, што е првото патување на Баербок во Русија откако таа ја презеде функцијата во декември минатата година. Баербок денеска ќе се сретне со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за, како што е најавено, „длабинска размена на мислења за најитните меѓународни прашања“. Двајцата највисоки дипломати ќе разговараат за предлогот на Русија за безбедносните гаранции, билатералните односи, распоредот на политичките контакти, соработката во трговските, економските и хуманитарните области, како и за меѓупарламентарните и регионалните контакти.

Берлин повикува на дипломатија околу Украина

За време на вчерашната посета на Киев, Баербок рече дека дипломатијата е „единствениот начин“ да се реши тензичниот судир меѓу Москва и Западот околу Украина, истовремено предупредувајќи дека Русија ќе плати „висока цена“ доколку изврши напад врз својот сосед. Претходно овој месец, Баербок ја истакна неопходноста од дијалог со Москва за деескалација на тензиите меѓу Русија и Украина. Но, Русија деновиве ги нарече разговорите со западните сили „разочарувачки“. Берлин се надеваше дека разговорите сепак ќе продолжат, изјави портпаролот на германската влада во петокот.