Двајца членови на поширокото семејство на Назарбаев поднесоа оставки

Нурсултан Назарбаев.

Двајца членови на поширокото семејство на поранешниот казахстански претседател Нурсултан Назарбаев поднеле оставка од раководството на државните компании за транспорт на нафта и гас, соопшти на 15 јануари суверениот фонд на оваа централноазиска држава.

Назарбаев, кој беше лидер на Казахстан три децении пред неговата оставка во 2019 година, ги задржа огромните овластувања сѐ до минатата недела, кога неговиот наследник Касим-Жомарт Токаев ја презеде функцијата од Назарбаев како шеф на Советот за национална безбедност во услови на насилните немири.

81-годишниот поранешен лидер не се појави во јавноста од избувнувањето на протестите на 4 јануари, а критичките коментари на Токаев за него поттикнаа сугестии за внатрешна борба за моќ во Казахстан.

На 15 јануари, суверениот фонд Самрук-Казина објави во соопштение дека Каират Шарипбаев и Димаш Досанов се откажале од функцијата како главни директори на државната компанија за нафтоводи КазтрансОил и операторот на гасоводот за природен гас „КазакГаз“.

Шарипбаев е во брак со најстарата ќерка на поранешниот претседател Дарига Назарбаева, објави нејзиниот син на социјалните мрежи. Ниту Шарипбаев ниту Дарига Назарбаева не дадоа коментари за нивната врска.

Досанов е сопруг на Алија Назарбаева, најмладата ќерка на Назарбаев. Самрук-Казина не ги наведе причините за нивните оставки. Токаев оваа недела рече дека сака соработниците на Назарбаев да го споделат своето богатство со јавноста со редовни донации за новата добротворна фондација.