Германија ја врати Македонија на листата на високоризични земји со ковид

Луѓе со маски. Илустрација.

Германија ја врати Северна Македонија на листата на високоризични земји, што значи дека од недела невакцинираните и лицата кои не прележале Ковид-19 ќе мора да бидат ставени во карантин.

Покрај Северна Македонија, на листата на земји со поголем ризик се вратени и Србија, Босна и Херцеговина и земјите од ЕУ, како Франција, Австрија, Летонија, Бугарија и други земји од повеќе делови на светот.

Што се однесува до нашиот регион, Хрватска од 24 октомври минатата година е на листата на високоризични земји, Црна Гора од 15 август, а Словенија од 26 септември.

Од недела, сите патници кои сакаат да влезат во Германија ќе треба да се пријават електронски, а мора да имаат потврда за вакцинација или за прележан Ковид-19 или негативен тест на вирусот. Вакцинираните и излекуваните лица не мора да одат во задолжителниот 10-дневен карантин.

Лицата кои не биле заразени со Ковид-19 и не се вакцинирани може да бидат ослободени од изолација најрано на петтиот ден со тестирање за Ковид-19.
Ослободени од мерките се невакцинираните деца до шест години, а карантинот автоматски им се прекинува по пет дена.

Министерството за здравство вчера соопшти дека регистрирани се 1.865 нови случаи на Ковид-19 од направени 6.173 тестови.