ТЕ-ТО ќе работи седум дена во неделата за да обезбеди струја и парно

Владата на денешната седница донесе одлука за обезбедување дополнителни количини на струја и топлинска енергија во услови на кризна состојба, се наведува во соопштението по владината седница.

Како што информираат од владината прес-служба, дополнителните количини на струја ќе се обезбедат од домашно производство, односно од Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО АД Скопје, кое ќе работи седум дена во неделата во периодот од 05:00 часот наутро до 01:00 часот по полноќ со полна моќност, односно ќе го исполнува максимално инсталираниот капацитет од 227 мегавати.

„Оваа дополнително произведена количина електрична енергија ќе ја откупува АД „Електрани на Северна Македонија” Скопје со сопствени средства“, соопшти Владата.

Оттаму посочуваат дека одлуката стапува во сила денеска и ќе важи до крајот на месецов.

„Со преземањето на дополнителните количини електрична енергија ќе се обезбеди производство и на топлинска енергија за регулираниот дистрибутер на топлинска енергија со што ќе се овозможи континуирано, квалитетно и економски исплатливо снабдување со парно греење на потрошувачите во Град Скопје и, во исто време, при постоење на кризна состојба во снабдување со електрична енергија, ќе се овозможи да се заштедат природните ресурси кои АД ЕСМ ги користи за производство на електрична енергија“, потенцираат од Владата.

По седницата, министерот за економија Крешник Бектеши на прес-конференција рече дека цената за електричната енергија не треба да биде повеќе од 170 евра по мегават час.

Земјата се соочува со енергетска криза, откако пораснаа цените на енергенсите.