Димитров – Неуспехот на Македонија ќе биде неуспех и на ЕУ

Никола Димитров

Македонскиот случај е најубедливиот тест за кредибилитетот на политиката на ЕУ кон Западниот Балкан. Успехот на Македонија ќе биде успех за сите, но неуспехот ќе биде неуспех и на самата ЕУ, рече вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров на денешната седница на Националниот совет за европски интеграции на која беа претставени приоритетите на француското претседавање со Советот на ЕУ што започна на 1 јануари годинава.

Бугарија го блокира почетокот на преговори за членство на Македонија со ЕУ, со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја.

Агендата на француското претседателство беше претставена од страна на амбасадорот Сирил Бомгартнер, кој посочи дека Франција во јуни ќе организира голема конференција за Западниот Балкан и ја реафирмираше посветеноста за заслужен напредок на Македонија кон ЕУ.

„Јасно е дека со француското претседателство постојано ќе се поддржува земјата, за да може работите да напредуваат конструктивно и во добра насока, со цел колку што е можно побрзо и во текот на француското претседателство да се постигне значителен напредок кој сите го очекуваат“, рече тој.

На седницата присуствуваше и шефот на Делегацијата на ЕУ – Дејвид Гир, којшто посочи дека европеизацијата и реформите во Северна Македонија се придобивка и за самата ЕУ и исто така изрази силна благодарност за соработката со вицепремиерот Димитров и неговиот исклучителен придонес во процесот.