Достапни линкови

Постои ли простор за компромис со Бугарија?


Бугарскиот премиер Кирил Петков
Бугарскиот премиер Кирил Петков

Новиот бугарски премиер Кирил Петков доаѓа во Скопје со старите бугарски црвени линии, надоградени со нови. Веројатно новиот македонски премиер Димитар Ковачевски вели дека ќе го пречека со македонските црвени линии кои ги усвои собранието. Каде е тука е просторот за компромис?

Десетина точки од декларацијата на бугарското собрание усвоена во 2019 година, па пет плус една точка кои лани ги промовираше бугарскиот претседател Румен Радев, уште осум други како дел од коалициониот договорот на новата бугарска влада предводена од Кирил Петков и сега од минатата недела уште седум кои беа договорени меѓу државниот врв на источниот сосед. Со сето ова идната недела во Скопје ќе допатува бугарскиот премиер Петков на прва средба со веројатно новиот македонски премиер Димитар Ковачевски.

Некои од овие точки се поклопуваат, а некои се нови. Радев лани ги збогати со барањето за внесување на Бугарите во македонскиот Устав и со правата во Македонија, а коалицијата на Петков плус со создавање на работни групи за теми како економијата, културата, образованието...

Но, потврдата дека владата во Софија нема да отстапи од декларацијата на бугарското собрание од 2019 година која ја кажа Радев по состанокот се чини може да ги оддалечи двете страни од компромис, бидејќи досега беа спорни во разговорите некои точки од неа. Во таа декларација, усвоена по потпишувањето на Договорот за доброседство меѓу двете земји во 2017 година, се наведени тезите кои македонската страна досега ги сметаше за навлегување во идентитетските прашања, а поврзани со историјата, создавањето на македонската нација врз бугарски корени и јазикот.

Според Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка МЦМС, со ваквите поставувања на работите тешко и до крајот на оваа година да се дојде до решение со кое Бугарија би ги деблокирарала македонските европски интеграции, првпат блокирани во 2020 година.

„Бугарите веќе измислија толку работи што не им е проблем нешто да отстапат. Еве по нивниот совет за безбедност Радев не ги спомна Бугарите во Уставот во оваа фаза и ете нивната остапка може да биде да не ги внесеме Бугарите во Уставот или пак барем да не ги внесеме во оваа фаза, ама сето тоа се измислени проблеми за да има што да се решава“, вели Кржаловски.

Кржаловски: Ако нема еднаков терен само ќе ѝ попуштаме на Бугарија
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:14 0:00
Директен линк

Премиерите на средба со две спротиставени резолуции

Конкретно, во декларацијата на бугарското собрание од 2019 година за земјава се наведува „дека препишувањето и присвојувањето по 1944 година на историјата на еден дел од бугарскиот народ е меѓу столбовите на антибугарската идеолошка конструкција на југословенскиот тоталитаризам“, дека бугарската поддршка нема да биде „на сметка на искривување на историските настани, документи и артефакти, како и на улогата и ставовите на личности од бугарската историја“, а за јазикот бугарското собрание наведува дека мора строго да се придржуваат до клаузулата утврдена и ратификувана од парламентите на двете земји во однос на официјалниот јазик на Република Северна Македонија. Тоа значи дека Бугарија бара македонскиот јазик да биде именуван како јазикот според Уставот на Република Северна Македонија.

Веројатно идната недела новиот македонски премиер, чиј избор заедно со владата е закажан во Собранието в сабота, вели дека ќе го дочека бугарскиот колега со македонските црвени линии усвоени во Собранието лани, две години по бугарската собраниска декларација.

Во резолуцијата на македонскиот парламент, пак, се наведува дека треба да се почитува просторниот и временскиот континуитет на македонскиот јазик и неговите дијалекти, како и да се почитува автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, сето тоа базирано на сознанија на науката и утврдените факти, теории и истражувања и почитување на меѓународното право.

Економистот Ковачевски досега во македонската јавност зборуваше пред се за економски теми, но во една од изјавите дадени од кога стана мандатар рече дека „во преговорите не можеме да правиме отстапки околу тоа дека сме Македонци од Република Северна Македонија кои зборуваат македонски јазик и имаат посебен идентитет“. Според Кржаловски, треба да се види оти како што вели „пред да се дојде на позиција, секогаш е дека ништо не може и ништо не смее“.

„Кога се зборува за црвени линии проблемот е што двете страни се држат до нив и во ситуација кога сме на нерамен терен бидејќи тие се членки, а ние не сме на Европската унија, како што беше случајот и со Грција, очекувањето е дека ние ќе отстапиме од нашите црвени линии“, вели Кржаловски.

Средба во светло на обвинувањата од Димитров

Инаку Ковачевски е оптимист. Тој вели дека очекува враќање на довербата низ дијалог.

„Резолуцијата на Собранието која е изгласана ќе биде почитувана од Владата, но сметам дека низ еден дијалог и враќање на довербата и формирање на работни групи кои ќе работат и почесто во еден месец ќе се состануваат ќе разговараат за инфраструктурно, економско, културно поврзување на двете држави, ќе ги релаксираат односите“ рече Ковачевски во интервју за Топ Тема.

Дополнително поинакво светло на разговорите меѓу Скопје и Софија фрли и пресот на вицепремирот за евроинтеграции во заминување Никола Димитров кој рече дека не се повлекол сам од функцијата и оти тоа што нема да биде дел од новата влада е резултат на неговите позиции во однос на прашањето со Бугарија.

Димитров беше министер за надворешни работи во првата влада на премиерот Зоран Заев од 2017 до 2020 година. По изборите пред две години Заев одлучи министер за надворешни работи да биде Бујар Османи, а Димитров да го води Секретаријатот за европски прашања. Сега во новата влада до чие формирање доаѓа по оставката на Зоран Заев од лидерската позиција во СДСМ и премиерската функција поради поразот на локалните избори во октомври, Димитров нема да биде член на владата. Во бугарската јавност се презентираа мислења дека тој е поопасен од корона за македонско-бугарските односи.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG