Битиќи: Ќе има раст на минималната плата

Вицепремиерот Фатмир Битиќи

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи изјави дека подобрувањето на животниот стандард на граѓаните е еден од највисоките приоритети на Владата. Според него, енергетската и економската криза, како и политичките состојби не дозволиле минималната плата да се зголеми уште лани во декември.Но, најави дека во следниот период ќе има раст на минималната плата.

„Во 2016 година минимална плата беше 9.000 денари или 38 отсто од просечна, на крај на декември 2021 просечна плата е 29.145 денари, на околу 1000 денари од ветувањето за 500 евра просечна плата и покрај двегодишната кризата, а минималната плата во ноември 2021 е 15.145 денари и е на ниво од 52,2 отсто од просечната плата. И ова е еден од показателите што влијае на намалување на сиромаштијата“, рече Битиќи во емисијата „Економски магазин“, на телевизијата Алсат.

За четири години, како што наведе, уделот на минималната во просечната плата е зголемен за цели 14 процентни поени.

„Ветувањето за покачување на минималната плата во програмата на владата и барањето на синдикатите за покачување на минималната плата на 18.000 денари, остануваат високи приоритети на новата Влада, но секако дека остануваме на ставот дека сите интервенции на платите треба да се извршат преку економско-социјалниот совет, односно преку дијалог со сите социјални партнери, за да имаме решенија кои се одржливи“, потенцираше вицепремиерот и нагласи дека со ова покачување, минималната плата би изнесувала околу 58-59 отсто од просечната плата во земјата, што е едно од синдикалните барања и барањата на работниците.

Сојузот на синдикатите со месеци наназад бара минималната плата да се покачи на 18.000 денари. Минималната плата во моментов изнесува 15.194 денари.