Недоверба, протести, армии...

БУГАРИЈА - Демонстрантите кои се противат на ограничувања за спречување на ширењето на Ковид-19 во Бугарија денеска се судрија со полицијата пред зградата на парламентот во Софија. Тие успеаја да го пробијат полицискиот кордон и да стигнат до скалите на парламентот, а потоа беа истуркани назад. Бугарското министерство за внатрешни работи соопшти дека се повредени осум полицајци.

КАЗАХСТАН - Казахстанскиот претседател Касим Жомарт Токаев рече дека силите на Организацијата на Договорот за колективна безбедност предводена од Русија ќе почнат да го напуштаат Казахстан на 13 јануари. Тие беа повикани да помогнат во стабилизирањето на ситуацијата во централноазиската држава во која избувнаа немири поради зголемувањето на цената на горивото.

БИХ - Група европратеници испрати писмо до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во кое од неа бара да ја истражи улогата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји во кризата во Босна и Херцеговина.

ГЕРМАНИЈА / БУГАРИЈА - Германија и Бугарија на 12 јануари објавија рекорден број на инфекции со коронавирус, додека Светската здравствена организација (СЗО) предупреди на нов голем бран од запад кон исток на високо заразната варијанта Омикрон што го зафати континентот.

СЕВЕРНА КОРЕЈА - Северна Кореја соопшти дека извршила уште еден хиперсоничен ракетен тест под надзор на лидерот Ким Џонг Ун.

АЛБАНИЈА - Албанската влада објави дека ангажира американска компанија за подобрување на сајбер безбедноста во земјата по големото протекување податоци.

АВСТРАЛИЈА / СРБИЈА - Новак Ѓоковиќ призна дека направил грешка во проценката со тоа што продолжил со интервју со француски новинар додека бил позитивен на ковид-19 и призна дека член на неговиот тим доставил лажна изјава до австралиската влада за неговата историја на патување.

МАКЕДОНИЈА - Вицепремиерот во заминување Димитров на последната негова прес-конференција порача дека нема доверба во министерот Османи за спорот со Бугарија, како и во други членови на Владата. Сменет е од функцијата, како што рече, за да го замолчат. Димитров порача дека будно ќе го следи процесот.