Груби: Жалам што Димитров на крајот на мандатот дознал дека не му верува на Османи

Вицепремиерот Артан Груби.

Првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби денеска изјави дека не постои никаква основа граѓаните да бидат загрижени во однос на преговорите на земјава со Бугарија кои ги води министерот за надворешни работи Бујар Османи.

„Секој договор што евентуално би бил постигнат треба да биде претставен и прифатен од граѓаните. Ние се солидаризираме со нашите граѓани Македонци и апсолутно се постројуваме со нив во одбрана на идентитетот, на јазикот и на сите други чувствителни прашња“, вели Груби.

Неговата изјава доаѓа откако досегашниот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров денеска одржа прес-конференција на која рече дека нема доверба во министерот за надворешни работи Бујар Османи за спорот со Бугарија, како и во други членови на Владата.

„Имам едно чувство дека таму има еден драјв за успех по секоја цена, што мислам дека не е продуктивен и е опасен“, изјави Димитров.

Преговорите за спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија се случуваат откако Софија во 2019 година стави вето за почнување на пристапните преговори за членството на земјава во Европската унија.

Димитров упати критика до Владата за процесот за решавање на спорот со Бугарија истакнувајќи дека му е должност кон граѓаните да запали аларм за посебна будност во однос на прашањето со Бугарија.

Тој, исто така, рече дека неговите ставови во преговорите со Бугарија во многу наврати биле спротивни од неговите колеги во Владата, но и дека од СДСМ му било понудено амбасадорското место во Вашингтон за да биде замолчен.

На ваквите тврдења, Груби рече дека му е жал што Димитров на крајот на својот мандат дознал дека не му верува на Османи, наведувајќи дека можеби ќе било подобро тоа да го кажел на почетокот за да пристапат кон градење на доверба меѓу Османи и Димитров.

„Но, јас сум убеден дека граѓаните немаат никаква основа да имаат недоверба, ниту во Османи, ниту во Владата затоа што се е транспарентно и било кој договор да биде постигнат ќе мора да биде претставен пред граѓаните и да биде прифатен од нив“, рече Груби.

Груби исто така рече дека е убеден дека Македонија и Бугарија ќе успеат да најдат решение за спорот во првите шест месеци од годинава.

Инаку претходно, со реакција на тврдењата на Димитров излезе и Кабинетот на премиерот во оставка Зоран Заев. Во соопштението се вели дека Северна Македонија има јасни позиции во разговорите со Бугарија кои биле изградени со целосно владино единство и испратени како одговор на македонското МНР до бугарското МНР.

Во соопштението се вели дека со македонските позиции во преговорите, кои биле целосно на линија на португалскиот предлог усвоен за време на словенечкото претседателство и во согласност со Резолуцијата усвоена во Собранието, се согласил и Никола Димитров и дека тој имал сериозен удел во нивното создавање низ процесот кој го водел Османи.

Бугарија, меѓу другото, ја блокира Македонија главно поради историски нерешени прашања. Софија инсистира Скопје да признае дека македонската нација не постоела до 1944 година, дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот, а дека двете земји имаат заедничка историја.