Достапни линкови

Димитров - сменет сум за да ме замолчат


Никола Димитров
Никола Димитров

Вицепремиерот во заминување Димитров на последната негова прес-конференција порача дека нема доверба во министерот Османи за спорот со Бугарија, како и во други членови на Владата. Сменет е од функцијата, како што рече, за да го замолчат. Димитров порача дека будно ќе го следи процесот.

Со критика до Владата пред се за процесот за решавање на спорот со Бугарија и со порака дека му е должност кон граѓаните да запали аларм за посебна будност во однос на прашањето, од функцијата си заминува вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров. Тој на прес конференцијата во Клубот на пратеници рече дека неговите ставови во преговорите со Бугарија во многу наврати биле спротивни од неговите колеги во Владата. Според него, СДСМ му го понудила амбасадорското место во Вашингтон, за како што наведе Димитров, да го замолчат.

„Демантирам дека самиот сум се повлекол. Тоа не е точно. Јас не сум човек што се повлекува од битки. Не се повлеков затоа што чувствувам одговорност и сметам дека позициите што ги застапувам во процесот на преговори со Бугарија се исправни и важно е да се одржат. Имав сериозна битка внатре, особено во последната година во однос и на дефинирањето на националните позиции. Значи за самата суштина на маката, ама и на стратегијата, односно на текот на самите преговори. Таа битка не беше тајна. Разликите беа евидентни и во јавните пораки и во јавните настапи“, рече Димитров.

Тој додаде дека во два наврати таа битка кулминирала во Брисел и во Скопје кажал дека преку поставените граници немало да дозволи да се помине по било која цена.Воедно тој порача и дека нема целосна доверба во министерот за надворешни работи Бујар Османи кој останува на истата функција и во новата Влада.

„Имам едно чувство дека таму има еден драјв за успех по секоја цена, што мислам дека не е продуктивен и е опасен. можеби и грешам. Се надевам дека грешам. Меѓутоа моја граѓанска должност, како човек што со години работи на оваа кауза е да бидам буден и да го следам процесот и јавно и гласно ќе алармирам тогаш кога мислам дека работите одат во лош правец“, рече Димитров.

И за разрешениот Специјален претставник за Бугарија, Владо Бучковски исто така посочи дека бил глас кој не бил во линија со неговите позиции.

Заклучоците од Советодавниот Совет за безбедност на Бугарија од пред некој ден, според Димитров ја потврдиле статус-кво состојбата бидејќи ја потврдуваат декларацијата од бугарското собрание и рамковната позиција на нивната влада.

„Еден документ што е непристоен и нецивилизациски и е навредлив посебно за македонскиот народ оти зборува за етно инженеринг и итн. Небаре, во историјата на создавање на народи и нации има природен и неприроден начин на создавање на народите“, вели Димитров.

Според него, прашањето е поважно од Владата и затоа тој најави дека ќе биде пречка за лошо решение. Димитров додаде дека чепкањето во македонскиот идентитет е контрапродуктивно за македонско бугарското пријателство, за улогата на Бугарија во регионот и за перцепцијата на земјата во важните партнерства. Македонскиот јазик, како што рече, е интимна работа и е наш и не е предмет на признавање од никого. Никогаш не добил, како што порача, јасен одговор што не се спроведува од договорот за добрососедство и пријателство и потсети на членот 2 дека Бугарија има обврска да и биде од помош на земјава на европскиот пат.

Димитров посочи и дека неговите позиции во Владата и со колегите биле различни на многу теми, како мерките против пандемијата, ставовите за легализација на дивоградбите, медиумуските политики .

За мандатарот за состав на новата Влада, Димитар Ковачевски рече дека нема искуство и знаење во делот на надворешната политика. Димитров најпрвин беше министер за надворешни работи , а потоа стана вицепремиер.

Инаку, Бугарија ја блокираше македонската европска интеграција во 2020 година, тогаш главно поради историски нерешени прашања, а со инсистирање Скопје да признае дека македонската нација не постоела до 1944 година, дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот, дека двете земји имаат заедничка историја, а таа е бугарска.

Новиот бугарски премиер Кирил Петков би требало да ја посети Македонија на 18 јануари. Неговата посета ќе соодветствува и со изборот на новата Влада. Ова би била прва посета на бугарскиот премиер откако беше избран на функцијата. Надежите дека во декември земјата ќе добие датум за преговори се урнаа откако Бугарија соопшти дека нема намера да ја промени својата позиција.

Лавина реакции по изјавата на Димитров

Кабинетот на премиерот во оставка Зоран Заев во реакција наведе дека Северна Македонија има јасни позиции во разговорите со Бугарија кои биле изградени со целосно владино единство и испратени како одговор на македонското МНР до бугарското МНР. Во соопштението се вели дека со македонските позиции во преговорите се согласил и Никола Димитров и дека тој имал сериозен удел во нивното создавање низ процесот кој го водел Османи.

„Доколку Димитров е против што било од позициите кои сме ги изградиле заедно, чесно е заради народот да го каже тоа и да објасни зошто, бидејќи во спротивно останува само впечатокот дека неговото неучество во идната влада е причина за ваквите неточни и шпекулативни јавни манифестации со цел од напред да се става товар на недоверба во владата“, се вели во реакцијата на Заев.

Османи: преговорите ги водат искусни дипломати од МНР

Министерот за надворешни работи Бујар Османи пак на својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук наведува дека преговорите на техничко ниво ги водат работни групи во кои членуваат искусни дипломати од Министерството за надворешни работи.

„Тие реферираат пред Министерот за надворешни работи, но воедно тие настапуваат согласно стекнатите знаења и искуство во нивната децениска работа во куќата, секако застапувајќи ги државните стратешки интереси утврдени од страна на Владата и целиот државен врв,“ истакнува Османи.
Министерот посочува дека и неговите лични позиции, како министер за надворешни работи и како човек апсолутно соодветствуваат со државните позиции кои, вели, како Влада активно ги застапуваат.

Османи наведува дека има нов политички моментум создаден преку новите мандати на владите во двете земји, нагласувајќи дека е во комуникација и со актуелниот премиер Зоран Заев и со мандатарот Ковачевски.

„Ги повикувам јавно сите колеги, сегашни и поранешни, да покажеме доблест и фер однос едни кон други, да го задржиме нивото и довербата кои долги години и меѓусебно ги градевме, и да им ја обезбедиме европската иднина на граѓаните која предолго само им ја ветуваме“, пишува министерот за надворешни работи Османи.

Првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби пак рече дека не постои никаква основа граѓаните да бидат загрижени во однос на преговорите на земјава со Бугарија кои ги води министерот за надворешни работи Османи.

„Секој договор што евентуално би бил постигнат треба да биде претставен и прифатен од граѓаните. Ние се солидаризираме со нашите граѓани Македонци и апсолутно се постројуваме со нив во одбрана на идентитетот, на јазикот и на сите други чувствителни прашња“, вели Груби.

Вицепремиерот Љупчо Николовски кој мандатарот Ковачевски го предложи за министер за земјоделство рече дека не верува оти изјавата на Димитров нешто ќе предизвика, напротив јасните, транспарентни и отворени ставови треба да станат пракса во македонската демократија, а не некакви позадински игри.

„Ние сега сме соочени со проблемот со Бугарија, но не станува збор за некаква попустливост, напротив се што правиме е во функција на заштита на македонскиот идентитет, на културата, јазикот, традициите и се што ни е оставено вековно да го чуваме. Така станавме членка на НАТО и така ќе чекориме кон европската перспектива“, рече Николовски.

Реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ. Потпретседателот на таа партија Александар Николоски рече дека со изјавата на Димитров јасно се покажувало дека СДСМ и Владата имале „јасна намера да направат национално предавство во однос на Бугарија“.

„Јас сум навистина загрижен, ние подолг временски период сугерираме дека се води капитулантска политика во однос на Бугарија. Мислам дека ставот на Македонија е јасен и е усогласен во Собранието и изгласан од сите пратеници со заедничката декларација која што ВМРО-ДПМНЕ ја предложи, а сите пратеници вклучувајќи ги и пратениците од СДСМ и ДУИ ја гласаа“, рече Николоски.

Од министерството за здравство пак реагираа на изјавата на Димитров за тоа дека тој имал различни позиции во Владата и со колегите и за други прашања споменувајќи го мерките против пандемијата.

„ Чесно е Димитров, да каже дека на многу седници на ГККШ или на Владата кога на дневен ред беа токму тие точки, тој не ни присуствуваше, туку на седниците го заменуваше државниот секретар. Кога седниците пак беа „удостоени“ со присуството на вицепремиерот, тој во ниту еден момент не се спротивстави на препораките и на мислењата на стручната лекарска фела која до Владата препорачуваше и советуваше во кои насоки да се движат мерките за заштита од ширење на Ковид 19. Димитров, апсолутно го делеше мислењето со колегите“, наведуваат од министерството во писмената реакција.

XS
SM
MD
LG