Заев: Димитров имаше сериозен удел за позициите во преговорите со Бугарија

Зоран Заев.

Кабинетот на премиерот во оставка Зоран Заев во реакција на изнесените ставови на досегашниот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров наведе дека Северна Македонија има јасни позиции во разговорите со Бугарија кои биле изградени со целосно владино единство и испратени како одговор на македонското МНР до бугарското МНР.

Димитров денеска одржа прес-конференција на која порача дека нема доверба во министерот за надворешни работи Бујар Османи за спорот со Бугарија, како и во други членови на Владата. Тој наведе дека е сменет од функцијата за да го замолчат, а порача и дека будно ќе го следи процесот.

Тој упати критика до Владата за процесот за решавање на спорот со Бугарија со порака дека му е должност кон граѓаните да запали аларм за посебна будност во однос на прашањето со Бугарија. Димитров рече дека неговите ставови во преговорите со Бугарија во многу наврати биле спротивни од неговите колеги во Владата, но и дека од СДСМ му било понудено амбасадорското место во Вашингтон за да биде замолчен.

Во соопштението од Кабинетот на Заев се посочува дека македонските позиции се целосно на линија на португалскиот предлог кој бил усвоен за време на словенечкото претседателство и дека биле целосно во согласност со Резолуцијата усвоена во Собранието. Исто така, се вели во соопштението, позициите биле изградени низ сеопфатен консултативен процес и работни состаноци во кои Димитров имал активна и суштинска улога.

Во соопштението се вели дека со македонските позиции во преговорите се согласил и Никола Димитров и дека тој имал сериозен удел во нивното создавање низ процесот кој го водел Османи.

„Доколку Димитров е против што било од позициите кои сме ги изградиле заедно, чесно е заради народот да го каже тоа и да објасни зошто, бидејќи во спротивно останува само впечатокот дека неговото неучество во идната влада е причина за ваквите неточни и шпекулативни јавни манифестации со цел од напред да се става товар на недоверба во владата“, се вели во реакцијата на Заев.

Преговорите за спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија се случуваат откако Софија во 2019 година стави вето за почнување на преговорите за членството на земјава во Европската унија.

Бугарија, меѓу другото, ја блокира Македонија главно поради историски нерешени прашања. Софија инсистира Скопје да признае дека македонската нација не постоела до 1944 година, дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот,а дека двете земји имаат заедничка историја.