Рекорден број на инфекции во Германија и Бугарија

Германија - Луѓето кои носат заштитни маски на божиќен пазар во Франкфурт.

Германија и Бугарија на 12 јануари објавија рекорден број на инфекции со коронавирус, додека Светската здравствена организација (СЗО) предупреди на нов голем бран „од запад кон исток“ на високо заразната варијанта Омикрон што го зафати континентот.

Германските здравствени власти објавија 80.430 нови инфекции со коронавирус - најголем број на регистриран во еден ден од почетокот на пандемијата, со што беше надминат претходниот рекорд постигнат во ноември окога имаше над 76.000 инфекции за еден ден.

Вкупниот број на заразени во Германија сега изнесува 7.661.811. Бројот на починати на 12 јануари исто така се зголеми за 384 лица и достигна вкупна бројка од 114.735.

Податоците од Институтот за заразни болести Роберт Кох покажуваат дека нешто помалку од 75 отсто од германското население од повеќе од 83 милиони, примило барем една доза вакцина против коронавирусот.

Во југоисточна Европа, Бугарија денеска достигна рекордно високо ниво од 7.062 инфекции, според официјалните податоци.

Инфекциите забележаа скок од почетокот на годината, надминувајќи го претходниот пик од крајот на октомври.

Бугарија е најмалку вакцинирана земја членка на Европската унија, со нешто повеќе од 28 отсто целосно вакцинирани во земјата со 6,9 милиони жители.

Вкупниот број на починати е 31.761, а бројката се зголеми за уште 89 смртни случаи во изминатите 24 часа.

Новата центристичка влада, која ја презеде функцијата минатиот месец, апелираше до Бугарите кои се скептични за вакцините да се вакцинираат, нудејќи дури и еднократна парична награда од околу 44 американски долари за пензионерите кои ќе се одлучат целосно да се вакцинираат или да примат засилувачка доза.

На 12 јануари се очекуваат протести во Бугарија против вакцинацијата, организирани од ултранационалистичката партија Преродба.