Владата ги донесе одлуките за средствата за енергетската криза

Владата на РСМ

Владата објави дека ги донела одлуките за измена на распоредот на средствата во посебниот дел утврден со Буџетот за реализација на мерките за справување со кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија.

„Одлуките се донесени за реализација на мерките за обезбедување на дополнителни количини на електрична енергија, заради справување со кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија.Дополнително, Владата ги задолжи сите институции во надлежност на извршната власт од сопствените буџетски сметки и програми предвидени за набавка на електрична енергија, веднаш да ги исплатат долговите кон добавувачите на струја и одобри да се изврши пренамена на средства од други буџетски ставки каде што има неискористени средства за исплата на долговите за кон добавувачите на електрична енергија“, стои на фејсбук статусот на Владата.

Овие одлуки, како и препораките до институциите на локалната самоуправа, до Собранието и до Канцеларијата на Претседателот на државата, како што се наведува, имаат за цел да го помогнат снабдувањето со електрична енергија кое се остварува преку комерцијалните добавувачи.

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) соопшти дека струјата од 1 јануари поскапува за 9,48 проценти. Воедно ќе се укине и дневната евтина тарифа за струјата, а ноќната евтина тарифа и евтината тарифа во недела ќе останат. Новата цена на струјата за корисниците на регуларниот пазар ќе важи во првите шест месеци од годинава.