Достапни линкови

Петрески - Цената на енергенсите ќе се стабилизира, но нема да се врати на старо


Марјан Петрески, професор по економија на Универзитетот Американ колеџ во Скопје
Марјан Петрески, професор по економија на Универзитетот Американ колеџ во Скопје

Во првата половина од годината се очекува стабилизирање на цените на енергенсите на глобалниот пазар, но не треба да се има илузија дека стабилизирањето ќе значи враќање на претходните нивоа. Стабилизирање значи дека веќе нема да има ваков нагол пораст на цената, туку цената ќе флуктуира околу новото ниво. Така што тоа е една нова реалност на којашто треба да се прилагодиме како граѓани, како компании и се разбира владата со мерки, вели професор Марјан Петрески за РСЕ. Тој зборува и за тоа што не очекува на економски план, за инфлацијата, најавите за повисока минимална плата.

Професоре Петрески, каква година ни претстои на економски план?

Годинава што измина, 2021 година, ја поминавме во знакот на закрепнување од пандемијата, особено во втората половина од годината, но закрепнувањето одеше побавно од она што првично го очекувавме. Причините за тоа се пред сè побавната имунизација, таа добро почна, но во еден момент забави, и втората причина е продолжениот ефект од новите соеви на вирусот. Tака што, она што го гледаме моментално како ефект од пандемијата и закрепнување на економијата очекувам да преовладува и во 2022 година, најмалку во нејзината прва половина. Значи, целата 2022 година не очекувам дека ќе биде особено различна од 2021. Се разбира не очекувам дека ќе биде значајно полоша, напротив, тенденцијата е закрепнувањето да продолжи и потенцијално да забрза доколку пандемијата попушти и доколку видиме поттик на структурните реформи од новата влада којашто треба да се формира веќе во јануари.

Владата за догодина предвидува економско закрепнување и раст од 4,6 отсто. Колку се реални ваквите предвидувања?

Се очекува дека 2021 година ќе се заврши со раст од околу 4-4,2 проценти, така што проекцијата на владата од 4,6 проценти за 2022 не е значајно различна од она што го гледаме годинава, што оди во линија на она што го зборувам дека и 2022 година на економски план ќе биде слична. Можеби таа проекција е на горната граница, односно малку повеќе оптимистична во однос на информациите кои ги имаме сега, меѓутоа неизвесностите во економијата постојат, и може да дејствуваат и во позитивна и во негативна насока. Ако, на пример, се покаже дека омикрон сојот не е опасен и дека тој би исчезнал побрзо и не би се појавил нов сој на вирусот, значи доколку би дошле до крајот на пандемијата побрзо, веќе во првите месеци на 2022 година, тогаш станува реалистична и поголема проекција за стапката на раст. И обратно, доколку имаме продолжен ефект од пандемијата во текот на целата година, тогаш реализацијата на растот ќе биде и помала од она што се очекува. Така што, ризиците и неизвесностите се движат во тие рамки. Проекциите кои циркулираат сега, и таа на владата и од другите институции коишто се занимаваат со проекции, моментално се адекватни на информациите со кои располагаме, а се разбира дека во текот на годината тие ќе бидат предмет на преоценување.

Народната банка ја коригираше стапката на инфлација од 2,2 на 3,1 отсто за догодина. Што ќе значи тоа за обичните луѓе?

Порастот на цените е важен проблем, коишто сега се проектираат на повисоко ниво од првичното. Меѓутоа да се вратиме и чекор назад, и во текот на оваа 2021 година видовме ценовни притисоци, особено во втората половина, значи некаде по август, коишто се главно притисоци коишто доаѓаат од надвор. Ние како мала и отворена економија ги примаме тие притисоци, односно се прелеваат и на нас. Тие првенствено настанаа поради нерамнотежите предизвикани од пандемијата. Со олабавување на мерките значајно се зголеми потрошувачката, значи домаќинствата, граѓаните, она што претходно го имаа како форма на присилно штедење, сега сакаа да го потрошат што особено го видовме во летниот период. Тоа предизвика цените да се придвижат нагоре, особено на таквите добра коишто претходно беа помалку конзумирани, на пример, летувањата и патувањата коишто претходно беа во голема мера ограничени. Тоа е едниот ефект. Вториот ефект од пандемијата е резултат на отежнатите синџири на снабдување. Повторно поради зголемена побарувачка на која понудата не можеше инстантно да се прилагоди, настанаа тесни грла во многу синџири на снабдување што придонесе до зголемување на цените на интермедијарни производи, но тоа се прелеа и на цените на финалните производи. И доаѓаме до третиот ефект којшто моментално е најзначаен, а тоа е цената на енергенсите.

Кога може да се очекува стабилизирање на цената на енергенсите, која оваа зима ќе биде сериозен удар за граѓаните?

Цената на енергенсите порасна на светските берзи. Главно тоа се должеше на инсистирањето на зелената агенда во ЕУ, значи производство на електрична енергија од обновливи извори коешто беше во кусок, а тоа беше детерминирано од временските услови, недостиг на ветер, помалку сончеви денови, помалку вода во хидроцентралите... Тој ефект се прелеа кај нас, зборувам за ценовниот ефект, но тоа прво го почувствуваа фирмите, затоа што фирмите набавуваат струја на слободниот пазар, и тие веќе го инкорпорираа зголемување на цената на струјата во своето работење, што се одрази и врз цените на некои добра или услуги што ние граѓаните ги купуваме на пазарот. Ова не се однесува на домаќинствата, бидејќи таму цената на струјата е регулирана. Постојат најави дека нагорна проекција таму ќе има веќе од јануари.

Очекувам дека на глобалниот пазар ќе настане стабилизирање на цените на енергенсите, се надевам во првата половина од годината, веќе до средината на годината. Од друга страна, да немаме илузија дека стабилизирањето ќе значи враќање на претходните нивоа. Стабилизирање значи дека веќе нема да има ваков нагол пораст на цената, туку цената ќе флуктуира околу новото ниво. Така што тоа е една нова реалност на којашто треба да се прилагодиме како граѓани, како компании и се разбира владата со мерки.

Има најави за зголемување на минималната плата на 18 илјади денари. Кои се аргументите за и против вакво покачување?

Да, реално е да се случи пораст на минималната плата. Од последното усогласување во март 2021, имаме пораст на просечната плата од околу 6 проценти, зборувавме дека растот на БДП ќе биде околу 4 проценти, има пораст на цените. Значи работниците во најмала рака треба да се компензираат за овие придвижувања во економијата. Сега прашањето е дали кое било покачување на минималната плата е возможно, односно дали секое покачување на минималната плата ќе даде позитивен ефект. За работниците секако ќе даде, но под претпоставка дека работодавачите нема да изнаоѓаат начини да го заобиколат таквото зголемување. Што мислам со тоа? Ние често се фокусираме само на ефектот од порастот на минималната плата врз формалната економија и таму нема дилема дека порастот, дури и на 18 илјади денари, нема да влијае врз работните места. Меѓутоа, да имаме предвид дека околу 17 отсто од работниците во земјава се неформални, односно немаат писмен договор за вработување, а на терен многу се добро познати пракси на плаќање плата во плико и обратниот феномен, барање дел од исплатената плата да се врати во готовина. Во таа смисла се неопходни внимателни чекори во делот на минималната плата за да не се предизвика деформализација на вработувањата и на исплатите на некој од овие начини што ги споменав. Дополнително, да не заборавиме дека претходното зголемување на минималната плата од 12500 на 14500 денари беше поддржано со владина субвенција на социјалните придонеси. Поради тоа, тоа беше издржливо, а и придонесе за намалување на феноменот „плата во плико“, меѓутоа таа е втора по големина субвенција во буџетот по земјоделските субвенции.

Како заклучок: да, потребно е зголемување на минималната плата, за која, ако социјалните партнери се согласат да биде 18 илјади денари, тогаш треба да биде поддржана со зголемен капацитет на надлежниот инспекторат за да се осигура квалитетна имплементација на решението на терен.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG