Мијалков излегува од притвор

Сашо Мијалков

Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков излегува од притвор откако Апелациониот суд ја прифати жалбата на одлуката на Кривичниот суд. На Мијалков му беше одреден притвор за случајот Плацеви на Водно. Претходно Апелациониот суд ја прифати гаранцијата од 11 милиони евра дека Мијалков нема да избега од државата.

Гаранцијата се состои и во недвижен и во подвижен имот. Мијалков се наоѓа во затворот во Шуто Оризари од 26 февруари годинава, откако претходно неколку дена беше во куќен притвор.

Мерка притвор на Мијалков му беше изречена и во врска со предметот „Трезор“, каде е неправосилно осуден на осум години затвор. Тој има првостепена пресуда и во случајот „Таргет – Тврдина“ со која е осуден на 12 години затвор, а обвинет е и во случаите „Плацови на Водно“ и „Титаник 2“, а осомничен е и во предметот „Империја“. Во „Тортура“, пак, доби ослободителна пресуда.

Обвинети во случајот Плацеви на Водно се и поранешниот премиер Никола Груевски, неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан Камчев и Ратка Куновска Камчева, кои се товарат за „перење пари“, а Мијалков е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.