Уапсени седум вработени од независниот медиум „Стенд њуз“ во Хонгконг

Главниот уредник на „Stand News“ Патрик Лам е еден од шесте лица уапсени „за заговор за објавување бунтовна публикација“ според Одделот за национална безбедност на полицијата во Хонг Конг. 29 декември 2021 година.

Во Хогконг се затвора една од последните продемократски медиумски организации „Стенд њуз“, откако полицијата упадна во редакцијата и уапси седум лица.

Меѓу нив се сегашни и поранешни вработени, а приведени се поради „заговор за објавување на бунтовнички публикации“, јавува Би-Би-Си.

Поради ситуацијата, „Стенд њуз“ веднаш престанува со работа“, се вели во објавата на организацијата на Фејсбук.

Повеќе од 200 полицајци учествуваа во рацијата во канцеларијата на изданието.

Полицијата во Хонгконг во соопштение наведе дека е овластена да „пребарува и да запленува релевантни новинарски материјали“.

Во објавата на Фејсбук, „Стенд њуз“ информираше дека повеќе нема да ја ажурира својата веб-страница и дека ќе ја отстрани содржината на социјалните медиуми во рок од еден ден.

„Утрово, полицијата уапси голем број високи и поранешни директори на компанијата и приведе многу луѓе да помогнат во истрагата“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека од канцелариите се одземени компјутери и документи и дека ќе ѝ помогнат на полицијата во истрагата.

Во соопштението на полицијата се вели дека се уапсени тројца мажи и три жени, на возраст од 34 до 73 години „за заговор за објавување бунтовничка публикација“ - кривично дело за кое е предвидена затворска казна до две години.

Меѓу уапсените има и истакнати активисти од Хонгконг, вклучително и поп-пејачката Дениз Хо, кои претходно беа дел од одборот на „Стенд њуз“. Апсењата се случиле рано денеска, соопшти полицијата, а биле претресени и куќите на новинарите, пишува Гардијан.