САД го преполовија времето на изолација за асимптоматски инфекции на ковид-19

Патничка седи со својот багаж на меѓународниот аеродром Џон Кенеди, откако авиокомпаниите објавија дека се откажани бројни летови поради ширењето на варијантата омикрон

Соединетите Држави го преполовија препорачаното време на изолација за лицата со асимптоматски инфекции со ковид-19 од 10 на пет дена. Американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) соопшти дека петдневниот период на изолација треба да биде проследен со пет дена носење маска кога сте во близина на други.

Омикрон - Kаква димензија ќе добие пандемијата од новата мутација?


Промената доаѓа бидејќи напливот на инфекции со ковид-19 предизвикан од варијантата омикрон доведе до недостиг на работна сила и прекини во авиокомпаниите и другите услуги. Новите препораки го отвораат патот повеќе луѓе побрзо да се вратат на работа. „Варијантата омикрон брзо се шири и има потенцијал да влијае врз сите аспекти на нашето општество“, рече директорката на ЦДЦ Рошел Валенски, наведувајќи: „Овие ажурирања обезбедуваат луѓето безбедно да го продолжат својот секојдневен живот“.

Филипче - Нови рестрикции не се потребни

ЦДЦ исто така, ги промени препораките за луѓето изложени на вирусот кои се невакцинирани или сè уште немаат примено засилувач. За нив, ЦДЦ сега препорачува карантин пет дена проследено со уште пет дена строга употреба на маски во близина на други лица. Луѓето кои примиле засилувач не треба да се стават во карантин по изложувањето, но сепак треба да носат маска 10 дена, соопшти ЦДЦ. Новата препорака се заснова на податоците од Јужна Африка и Британија кои покажуваат дека две дози вакцини со Фајзер и Модерна, се само 35 проценти ефективни против омикрон. Засилувачите носат ефективност до 75 проценти. ЦДЦ соопшти дека и покрај намалената ефикасност на вакцините против омикрон, тие го намалуваат ризикот од тешка болест, хоспитализација или смрт.