Првата средба за нормализација меѓу Турција и Ерменија ќе се одржи во Москва

Tурскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

Првата средба меѓу специјалните претставници на Турција и Ерменија за прашањата за нормализација на односите меѓу двете земји ќе се одржи во Москва, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

„Ерменија има таква желба“, рече Чавушоглу во Анкара.

Како што пренесува агенцијата Анадолија, тој притоа кажал дека Турција се надева дека наскоро ќе почнат да се реализираат летови меѓу Истанбул и Ереван.

Овој месец Турција го назначи Сердар Кулач, поранешен амбасадор на земјата во Соединетите Американски Држави, за специјален претставник за дијалог со Ереван. Ерменија, пак, го назначи заменик-претседателот на Парламентот, Рубен Рубинјан.

И покрај заедничката граница, Ерменија и Турција немаат дипломатски односи. Во Цирих во 2009 година, министрите за надворешни работи на двете земји потпишаа протоколи за воспоставување дипломатски односи и за принципите на нивните односи, но тие документи не беа ратификувани од ниту една земја.