Бомбаш самоубиец уби петмина на божиќна прослава во бар во ДР Конго

Илустрација: Војници од ДР Конго патролираат против милитантната грипа Сојузничките демократски сили

Најмалку пет луѓе загинаа синоќа во експлозија на бомба што ја активирал бомбаш самоубиец во градот Бени во источниот дел на Демократска Република Конго (ДРК), соопштија локалните власти.

Обезбедување на ноќен бар спречило човек да влезе во преполниот локал во кој луѓе го славеле Божиќ, по што човекот активирал бомба на влезот од барот, убивајќи се себеси и уште пет лица, се вели во владиното соопштение.

Уште 13 лица се ранети при експлозијата и се хоспитализирани, се додава во соопштението.

За нападот се обвинуваат Сојузничките демократски сили (АДФ), милитантна група која е обвинета дека стои и зад други смртоносни напади во регионот.

Двете источни провинции во ДР Конго, Итури и Северен Киву, се во вонредна состојба од мај, мерка со која војската ефикасно ја презеде контролата, но која досега не ги спречи нападите од вооружената милиција.

Во градот Бени редовно има судири меѓу армијата и АДФ.

САД во март ја стави милитантната група на листата на терористички групи поврзани со џихадистите на Исламската држава.

Милитантната група е обвинета за убиства на илјадници цивили во изминатата деценија во ДР Конго, како и за напади во Уганда.

Организацијата Исламска држава ја претставува АДФ како нејзин регионален огранок.